Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи во врска со вчерашниот пожар во Визбегово, поведе итна постапка против две лица – маж и жена за кривично дело Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
Постапката е поведена бидејќи двајцата физички нападнале екипа – новинар и снимател на ТВ Алсат М и ги спречиле во извршување на нивните службени задачи, односно да известуваат за настанатиот пожар во близина на отпад за старо железо – соопшти ОЈО Скопје.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, додека за осомничената е предложена мерка куќен притвор, бидејќи се грижи за две малолетни деца на возраст од 9 месеци и 3 години.
Мерките се предложени со цел нивно обезбедување, со оглед на тоа што освен наведеното кривично дело, обвинителството продолжува да ги истражува и причините за настанување на пожарот на отпадот во сооственост на осомничените и евентуалните опасности предизвикани врз животот и телото на луѓето, имотот и животната средина. Во таа насока во текот на вчерашниот ден и денеска се издаваат повеќе наредби и насоки за обезбедување докази – наведуваат од ОЈО Скопје.