Фото: Општина Прилеп

По вчерашните претреси на осум локации во Прилеп обезбедена е целокупна документација за финансиското работење на прилепската болница од 2020 година па до денеска. Сега документацијата ќе се анализира, велат од прилепското Основно јавно обвинителство. Оформен е предмет во фаза на предистрага заедно со Финансовата полиција.

-По претресот кај осомничени лица на осум локации е обезбедена документацијата. Се вршат проверки и на тендерска и на целокупна книговодствена и сметководствена документација. Обезбедена е и електронска и материјална документација како докази – вели основниот јавен обвинител од Прилеп, Стевчо Биноски.

Од Обвинителството, поради предистрагата, не откриваат за колку осомничени лица станува збор, само дека се повеќе.

Претресите на осумте локации во Прилеп и предистражната постапка се поради сомневања за кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување во врска со финансиското работење на општата болница со проширена надлежност од Прилеп, а се анализира документацијата од 2020 година до денеска.

Од Болницата велат дека во моментот работат со деблокирана сметка, а долговите моментално се околу 100 милиони денари што е половината од затекнатата состојба пред повеќе од шест месеци.