Фото: Влада

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ утринава разговараше со својот македонски колега Христијан Мицкоски и изрази сочувство за пожарот за време на концертот во Кочани, каде утринава загинаа над 50 лица, а над 100 се повредени соопшти хрватската Влада.

– Длабоко сме потресени и искрено жалиме за страшната трагедија во Кочани во која беа скратени многу млади животи“, напиша Пленковиќ во писмото со сочувство упатено до Мицкоски.

Тој истакна дека Хрватска стои до Македонија „во овие моменти на неискажлива тага“.

– Во име на Владата на Република Хрватска и во мое лично име, изразувам најдлабоко сочувство до вас, македонскиот народ, а пред се до семејствата и пријателите на жртвите. На повредените им посакувам брзо и успешно закрепнување – изјави Пленковиќ.

Во пожар во ноќен клуб во Кочани во Македонија, каде ноќеска се одржуваше концерт, животот го загубија 59 лице, а повеќе од 100 се повредени, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тој рече и дека некои лица се приведени и дека најверојатно пожарот настанал од искра што го запалила таванот на клубот.