Фото: Епа

Познати се по реализацијата на фамозни разбојништва (грабежи). При акциите се облекуваат карактеристично и автентично, носејќи уникатни и препознатливи парчиња облека. На пример, при еден грабеж со возила „ауди“ ги скршиле излозите и од златарницата успеале да украдат накит вреден осум милиони фунти. Во друг грабеж, пак, се облекле како жени, при што ограбиле накит вреден 100 милиони долари. При грабеж во 2009 година влегле без маски на лицето, меѓутоа имале добро нашминкани лица. Ограбувале во многу земји на неколку континенти. Разбојничката приказна за нив сѐ уште е актуелна и сѐ уште трае…

БАЛКАНСКА КРИМИНАЛНА ГРУПА ШТО Е ОДГОВОРНА ЗА „НАЈУМЕТНИЧКИТЕ“ ГРАБЕЖИ ВО ИСТОРИЈАТА НА РАЗБОЈНИШТВАТА

Филмските акциски филмови во кои се случуваат спектакуларни грабежи на уникатни предмети, како што се часовници, дијаманти, накит и други скапоцености, се пресликуваат и во реалниот свет. Иако грабежите не се ништо ново насекаде во светот, таквите кривични дела, во кои учествуваат повеќе лица, како по примерот на серијалот филмови „Единаесеттемина на Оушн“, во кои секој учесник има посебна улога во сценариото за извршување на делото, не се чести, но далеку од тоа дека такви примери нема. За ваков тип организирани грабежи се потребни повеќе ресурси, како и учесници, па токму затоа и такви примери нема често. Доволен доказ за тоа е криминалната група „Пинк Пантер“, која на јавноста ѝ е познати по фамозните грабежи на накит, злато и дијаманти, а чии членови, според достапните информации, се од просторите на поранешна Југославија.

СЦЕНАРИО „ТРОЈАНСКИ КОЊ“

Четворица Срби, наводно припадници на криминалната банда „Пинк Пантер“, и еден Грк се главните актери во филмскиот грабеж на златарница во Атина на 20 декември минатата година. Тие, вооружени со калашникови, успеале да украдат 24 часовници „ролекс“, вредни 135 илјади евра.
– Како членови на групата што упадна во златарницата во центарот на градот се идентификувани вкупно пет лица, а уапсени се еден Србин и Грк, кои се товарат за организиран криминал, разбојништво, тешка кражба и соучесништво, како и за прекршување на Законот за оружје – пишуваат грчките медиуми.
Како што пишуваат тие, дел од групата бил и шеесет и тригодишен маж, кој се преправал дека е муштерија за да им помогне на своите соучесници да влезат во златарницата. Тој имал специфична улога – да ѝ овозможи на организацијата влез во златарницата. Глумел дека е инвалидизирано лице на кое му е потребна помош. Тој ја имал улогата на „Тројански коњ“, за групата да може полесно да влезе.
– Тој успеал да ја натера вработената во обезбедувањето да ја остави вратата отворена подолго време. На тој начин неговите соучесници успеале да влезат, да ја ограбат златарницата и да побегнат, а притоа целата акција воопшто да не биде забележана – пишува грчкиот медиум „Прототема“.
Неговото учество било потврдено со анализата на снимките од надзорните камери. Неговото доаѓање во Грција било со авион, само еден ден пред грабежот, а заминувањето било само еден ден потоа.
– Организацијата била структурирана во рамките на транснационални криминални групи и балканскиот организиран криминал, меѓу кои истакнато место заземаат пинкпантерите – образложуваат нашите соговорници криминалисти.
Како што е утврдено, припадниците на групата ја набавиле неопходната опрема, пушки, чекани и маски, и заедно одлучиле да направат грабеж во златарница, како и кражба на мотори, кои биле користени за реализирање на кражбата.
– За да ги отежнат лоцирањето и поврзувањето со кривичните дела, тројца Срби влегле на територија на Грција и таму престојувале за време на разбојништвото, а од земјата излегле непосредно по извршувањето на грабежот. Освен тоа, тие неколку дена престојувале во изнајмен стан во Атина, кој бил користен како база за членовите на организацијата.

УКРАДЕН ДИЈАМАНТ ВРЕДЕН 27 МИЛИОНИ ЕВРА

Пинкпантерите од Србија се одговорни и за спектакуларниот грабеж на саемот на уметности и антиквитети ТЕФАФ во јуни минатата година, кога успеаја да украдат дијаманти, од кои само еден бил со исклучителна вредност од 27 милиони евра, а холандските истражители успеаја да пронајдат еден од дијамантите дури осум месеци по кражбата.
Засега не е познато дали пронајдениот дијамант е токму тој или некој друг, со помала вредност.
За време на овој грабеж биле инволвирани петмина припадници на криминалната мрежа. Тие биле маскирани како ликови од популарната британска серија „Бирмингемска банда“.
Повеќе од осум месеци холандските инспектори трагаат по сторителите што ги ограбија дијамантите, а за целото време додека трае потрагата тие соработуваат со Интерпол, Европол и со други земји во светот, вклучувајќи ги и балканските.
Криминалците уредно купиле карта за саемот и маскирани влегле внатре. Набрзо со чекан го искршиле излогот и го украле вредниот накит. Утврдено е дека осомничените се дел од „Пинк Пантер“, организираната криминална група одговорна за големи грабежи во Европа во последните години. Истрагата се фокусира на анализа на достапните снимки, изјави од сведоците, форензички траги, патиштата по кои бегале, местата на престој, како и возилата со кои бегале.
Дијамантот што го украле е познат како жолт дијамант, единствен на светот. Овој дијамант бил изложен на саемот. Бил наместен на ѓердан, а му припаѓал на осумдесетгодишниот Џоел Артуро Розентале, еден од најголемите и најценети дизајнери на накит во светот.
Според експертите, овој дијамант е уникатен и најверојатно криминалците не би можеле да го продадат цел, туку ќе мораат да го исечат на помали парчиња.

КОИ СЕ РАЗБОЈНИЦИТЕ ШТО СЕБЕСИ СЕ ИДЕНТИФИКУВААТ КАКО ГРУПА „ПИНК ПАНТЕР“

Во 2003 година бандата го добива вниманието на јавноста и на полициските власти поради реализацијата на грабеж на 500 илјади фунти вреден дијамант од продавница за накит во областа Мајфаир во Лондон. Крадците го скриле дијамантот во кутија од крем за лице, како во дел од сцената на филмот „Враќањето на Пинк Пантер“.
За период од шест години, пантерите ограбија 120 продавници за накит во 20 земји. Нивните грабежи се со висока стапка на успешност.
Организираната криминална група на разбојници и крадци на накит, која постои повеќе од 20 години, ги тресе Европа и полициските власти, бидејќи каде и да влезат за крадат, оставаат цело сценарио за снимање долгометражен филм.
Оваа група е интернационална група на крадци на накит, која е една од единствените во историјата на организираниот криминал што е одговорна за голем број разбојништва (грабежи), како и дрски или смели кражби.
„Пинк Пантер“ има околу 800 члена. Најголемиот дел од нив се поранешни војници, со огромно воено и паравоено минато. И мажите и жените што членуваат во оваа група имаат иста улога во структурата на организацијата. Најчесто членовите имаат потекло од Србија, Црна Гора и други земји од поранешна Југославија. Се верува дека сите тие биле учесници во војната во Босна, кои на криминален начин ги искористиле своите милитаристички вештини.
Според познавачите, тие имаат сојузници во организираниот криминал, па, така, соработуваат до српската, руската, италијанската и романската мафија.
Организацијата го добила името „Пинк Пантер“ од страна на Интерпол, а по фамозните криминални комични серии.
Оваа криминална група, според криминолозите, е одговорна за „најуметничките“ грабежи во историјата. Криминолозите дури ги нарекуваат уметници или мајстори на занаетот. Познати се по реализацијата на фамозни разбојништва (грабежи). При акциите се облекуваат карактеристично и автентично, носејќи уникатни и препознатливи парчиња облека. На пример, при еден грабеж, со возила „ауди“, ги скршиле излозите и од златарницата успеале да украдат накит вреден осум милиони фунти. Во друг грабеж, пак, се облекле како жени, при што ограбиле накит вреден 100 милиони долари. При грабеж во 2009 година, влегле без маски на лицето, меѓутоа имале добро нашминкани лица. Ограбувале во многу земји на неколку континенти. Разбојничката приказна за нив сѐ уште е актуелна и сѐ уште трае…
Тие се одговорни и за најуспешниот јапонски грабеж што некогаш го регистрирала Јапонија. Според податоците, групата е одговорна за нелегално ограбени или украдени повеќе од 500 милиони долари во злато и дијаманти од Обединетите Арапски Емирати, Швајцарија, Јапонија, Франција, Лихтенштајн, Германија, САД, Луксембург, Кипар, Монако, Австрија, Австралија, Холандија, Шпанија, Португалија и Белгија. Властите сметаат дека „Пинк Пантер“ се одговорни и за грабежот на продавницата за накит „Хери Винстон“ во Париз, на деветти декември 2008 година. Крадците успеаја да избегаат со скапоцености и накит вредни над 80 милиони.