Седум јавни набавки на преговарање без објавување на оглас и без одобрение и согласност од Фондот за здравствено осигурување, скапи третмани на ден пред да починат пациентите и создавање на вишок лекови се дел од дејствијата за кои се товарат петмина осомничени во случајот со Онкологија. Станува збор за поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, поранешниот организациски директор, Нехат Нухи, и тројца онколози кои здружени со единствена намера да создадат вишок лекови за кои што сѐ уште не е утврдено каде завршиле, според првичната истрага, прибавиле имотна корист за друг во износ од близу 30 милиони евра. Ова се информациите што на денешниот брифинг со новинари ги соопшти обвинителката Ана Гоговска Јакимовска.
– Во однос на организацискиот и медицинскиот директор, од она што досега го утврдивме е дека се набавени лекови на реверс пред склучување на договор за јавна набавка и без одобрение, а фактурите за вака набавените лекови биле изготвени и доставени до Клиниката по склучување на договорите за јавна набавка, без почитување на начелото на конкуренција. Набавени се лекови по склучување на договор со добавувачите, но без согласност со Фондот за здравствено осигурување. За да сите овие набавки и склучени договори имаат правно дејство мора да имаат согласност од фондот – појасни обвинителката.
Таа дополни дека во периодот од 2018 до 2021 од ФЗОМ не биле фактурирани лековите кои се набавени од биолошката терапија и биле преземени обврски над дозволениот буџет.
– Клиниката вршела делење на набавката со еден ист лек, а она што е карактеристично за оваа постапка е недостаток на транспарентност и можност за субјективно одлучување на главните учесници во постапката. Ова предизвикува недостаток од контролни механизми и можност за појава на коруптивни практики. Договарање без објавување на оглас се смета за постапка која не треба да се користи освен кога ситуацијата не дозволува склучување на други договори – рече Гоговска Јакимовска.
Спротивно на регистрационите одобренија за лековите, како што кажа, биле препишувани лекови на пациенти каде постои недоследност во дозирањето на лековите и тајмингот на апликацијата.
– Тоа не значи дека е кратена или не е давана терапија, ова, народски кажано, значи дека е раздолжувана терапија повеќе од тоа што треба да го примат пациентите – рече таа.
Обвинителката информираше дека биле препишувани скапи лекови од новите генерации на „таргет“ и „имуно терапија“ на ден пред смрт на пациентите, кога веќе било очигледно дека нема да се развие дејствието на лекот.
– Согласно податоците кои се прибавени од клиниката, тие се препишани, дали се дадени или не, не можеме да тврдиме – истакна Гоговска Јакимовска.
Во предистрагата, како што информираше, биле прегледани повеќе од 500 истории физички, и повеќе од 25.000 електронски записи на пациенти, а исто така, е утврдено дека состојбата на залихи на 31 декември 2021 година во сметководство не е усогласен со состојбата утврдена со попис.
– Извештајот од спроведениот попис не содржи податоци од состојбата на залихите. Во сметководствената евиденција постои разлика помеѓу месечните податоци за издадени лекови од аптека и примени лекови на одделите во клиниката, на овој начин не се евидентирани лекови на залиха – рече таа.
Информираше дека клиниката нема донесено пишана процедура за процес на прием, поради што, како што дополни, клиниката нема точни слика на расположливи количини кои се наоѓаат во аптеката и по оддели, со што, како што рече, е доведена во состојба да не ги знае потребните количини кои се потребни неделно, месечно и годишно.
– Треба да имате предвид дека за секоја издадена терапија потпис и печат во историите давал медицинскиот директор – потенцираше таа.
Во однос на следните активности кои ќе бидат преземени, таа информираше дека сѐ уште се прибавува документација, а се очекува и извештај од вонреден надзор на ФЗОМ и во тек е медицинско вештачење на експерти од Словенија.
– Не е исклучено во следниот период да имаме проширување на истражната постапка – дополни Гоговска Јакимовска.
Обвинителот Гаврил Бубевски е избран за нов претседател на Основното јавно обвинителство – Скопје, објави на својата веб страна Советот на јавни обвинители.
Шефот на скопското Јавно Обвинителство, Гаврил Бубевски, кој беше исто така присутен на брифингот, рече дека токму новинарските истражувања за случајот со Онкологија поттикнале криминалистичко истражување.
– Се формираше предмет во полиција, оттаму одлучија дека во одреден момент треба да се влезе во Клиниката за радиотерапија и онкологија. Во оваа фаза, затоа што се работи за предмет што почнува со издавање на наредби од ОЈО Скопје, се водеше предистражна постапка во ОЈО Скопје. Дојдовме до основи на сомнение за пет лица и во таа фаза влегуваме во истражна постапка против пет лица при што е издадена наредба за спроведување истрага против пет лица – образложи Бубевски.
За поранешниот директор Васев има сомнение за сторени седум кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и едно кривични дело „измама во службата“, а за поранешниот организациски директор, Нухи, има сомнение за „измама во службата“. Тројцата доктори – онколози се сомничат за помагање во „измама во службата“.
Казна за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ според измените на Кривичниот законик е до пет години, додека за „измама во службата“ минимумот е три години, а максимумот 20.
Во однос на прашањето дали ќе се отвори истрага и за веледрогеријата од каде биле набавувани лековите, од обвинителството појаснија дека доколку се докаже незаконитоста на исплатите опфатена со актуелната истрага, народното правобранителство може да си ги побара средствата.
Од Обвинителството информираа и дека денеска до Основен кривичен суд поднесен е предлог за определување мерки на претпазливост. Мерките се однесуваат само на организацискиот и медицинскиот директор, а не се опфатени докторите онколози.
За Васев побарале забрана за напуштање живеалиште, одземање на патна исправа и оддалечување од работното место, додека, за Нухи само забрана за напуштање живеалиште и одземање на патна исправа. По ова барање треба да одлучи Основниот кривичен суд Скопје.
Определени мерки за претпазливост за Васев и Нухи
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им определи мерки на претпазливост на поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и поранешниот организациски директор, Нехат Нухи кои се сомничат за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „измама во службата“ во врска со случајот Онкологија.
Додека трае истрагата Васев има забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за јавување на службено лице во судот, одземена му е патната исправа и има забрана за издавање нова и има забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело.
Додека, Нехи ги има истите мерки за претпазливост, освен забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело.
– Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог за определување мерки за претпазливост на Основното јавно обвинителство – Скопје против две лица, кои утрово беа спроведени во судот, по ценење на фактите изнесени од странките во однос на предлогот донесе решенија со кои: Се прифаќа предлогот и на Н.В. му се опредлуваат мерки за претпазливост по чл. 146 ст.1, т. 1,2,3 и 7 од ЗКП односно Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, Обврска за јавување на службено лице во судот, Одземање на патна исправа и забрана за издавње нова и Забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, На Н.Н. му се определуваат мерки за претпазливост по чл. 146 ст.1, т. 1,2 и 3 од ЗКП односно Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, Обврска за јавување на службено лице во судот, Одземање на патна исправа и забрана за издавње нова – стои во соопштението на Кривичен суд Скопје.
Обвинителството претходно информираше дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против 5 лица, од кои две службени лица – поранешен медицински директор на ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија – Скопје и поранешен организациски директор на Клиниката, како и тројца доктори – онколози.
– Во текот на предистражната постапка, Основното јавно обвинителство Скопје обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека осомничените директори на Клиниката со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија кои што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики и со намера за друг да прибават противправна имотна корист го довеле во заблуда овластеното лице во Фондот за здравствено осигурување да изврши незаконита исплата на пари за набавка на лекови кои ги трошеле и нарачувале спротивно на законските и подзаконските прописи, без формиран стручен колегиум и без соодветни медицински протоколи. Во ова со умисла биле помогнати од тројцата други осомничени доктори кои одредена терапија пропишувале вон препораките и свесно избегнувајќи ги параметрите кои ја опишуваат состојбата на пациентот во однос на болеста – стои во соопштението од ОЈО Скопје.
За поранешниот директор Васев има сомнение за сторени седум кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и едно кривично дело „измама во службата“, а за поранешниот организациски директор, Нухи има сомнение за „измама во службата“. Тројцата доктори – онколози се сомничат за помагање во „измама во службата“.
Казна за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ според измените на Кривичниот законик е до пет години, додека за „измама во службата“ минимумот е три години, а максимумот 20.
Меџити: Да не се плука по сите здравствени работници, со име и со презиме да се знае кој е виновен
Министерот за здравство Фатмир Меџити, на новинарско прашање за вчерашните случувања околу скандалот „Онкологија“, денеска повика да не се плука по сите здравствени работници. Тој рече дека остава на истражните органи да испитаат до крај и со име и презиме да се знае виновникот.
– Во врска со вчерашниот настан, го знаете мојот став. Стоиме на располагање со дополнителни информации, доколку мислат дека ги има во Министерството за здравство. Веќе еднаш засекогаш треба органите да постапат правилно навреме и да не оставиме да не биде решен ниту еден случај. Повторувам, одговорно, најморално и професионално и како лекар и како министер, велам оти нема да оставиме веќе работите во здравството да се талкаат со години нерешени проблематики. Оставам на истражните органи да се испита до крај и како што кажавме, со име и со презиме да се знае веќе кој е виновен. Да не се плука по сите здравствени работници, тоа нема да го дозволам – нагласи министерот за здравство.
Тој беше прашан, бидејќи се сомничат доктори од Онкологија, како ќе се одрази ова врз работењето на Клиниката.
– Ништо нема да се одразува кон функционирањето на Клиниката. Со менаџерите таму ги презедовме сите мерки. Клиниката функционира перфектно, со прегледи, со терапија, со сѐ – нагласи Меџити.
Министерот беше прашан и за најавените вработувања во здравството.
– Во Министерство за финансии мислам дека не се дадени сите согласности, но, при крај се, тие ги разгледуваат. Од страна на Министерството за здравство, сѐ е направено законски, како што треба. Повторно ги повикувам и финансии и Фондот за здравство и сите инволвирани други институции, МИОА, за брзо да дејствуваме. Лично како кабинет, јас и вие новинарите кои помагавте, се изборивме како никогаш досега, 1.117 вработувања се голем број. Некои партии кажуваат ова се предизборни вработувања. Не е вистина. Нема врска со предизборната кампања – подвлече Меџити.
Во однос на повторната појава на големата кашлица, на прашање дали е можно да се направи кампања заедно со Министерството за труд и социјална политика за важноста на вакцинирањето, или пак одредени законски измени во однос на вакцинацијата, Меџити кажа дека нема простор за паника за состојбата со големата кашлица.
– Ние како никогаш досега со УНИЦЕФ, со сите други релевантни институции, европски, за вакцинација, сме во тесна соработка. Како што кажав, нема простор за паника, ова е сезона на грип, но, сѐ е под контрола. Крајно време е да се смени овој ментален склоп, да се вакцинираат децата, тоа значи живот. Тие се нашите најмили. Повторно повикувам, нема ништо лошо во вакцините. Овие табуа еднаш засекогаш треба навистина да бидат минато – рече Меџити, во изјава на Клиниката за урологија, каде беа одбележувани на над 500 бубрежни трансплантации.
Ништо нема да се одразува кон функционирањето на клиниката. Со менаџерите таму ги презедовме сите мерки. Клиниката функционира перфектно, со прегледи, со терапија, со сѐ, дециден беше Меџити.