Вчера во попладневните часови под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражителите од Истражниот центар на ОЈО ГОКК и полициски службеници од ОСОСК реализираа акција во која беа лишени од слобода пет лица. Поради постоење на основано сомнение дека првосомничениот сторил продолжено кривично дело Давање поткуп и кривично дело Давање награда за противзаконито влијание, додека три лица како посредници сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание, а едно лице сторило продолжено кривично дело Примање поткуп, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против сите осомничени, информираа од обвинителството.
– Првоосомничениот – управител на правно лице, од крајот на февруари годинава до вчера, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветил подарок – парични средства од значителна вредност на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ. Останатите тројца осомничени од кои еден даночен референт во УЈП РД Скопје и еден државен службеник вработен во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, искористувајки го своето реално влијание и службената положба побарале и го потикнаале директорот на агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши. Имено, иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок од значителна вредност во износ од 50.000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени – информираа оттаму.
Од обвинителството додадоа дека, ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерка притвор, јавниот обвинител му предложил на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје истата со Решение да ја определи за сите осомничени.
Премиерот Христијан Мицкоски во однос на овој случај, истакна дека секаков тип на девијантно однесување нема да се толерира.
– Откако претходно имаше дојави за таков тип на девијантно однесување се случи таа акција и од овој момент па натаму случајот е во рацете на Обвинителството и судовите, изјави денеска Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со акцијата.
– Сум го кажал тоа многу пати во минатото и ќе го повторам дека тоа нема да се толерира. Во минатото имавме уште неколку вакви случаи, меѓу другото ќе го потенцирам и случајот со директорот на Геријатрија. Ги повикувам сите граѓани, бизнис заедница и останатите засегнати, доколку се жртва на ваков тип на однесување на било кој да го пријават. Ги охрабрувам да го пријават затоа што нема поголема штета за едно општество од ваков тип на девијантно однесување – потенцира Мицкоски по увидот во градежните работи поврзани со проектот Градски воз.
Тој повика сите вакви појави да се пријават, со цел да бидат санкционирани.
– Ја користам оваа можност преку вас медиумите да им се обратам на сите оние коишто се жртва на ваков тип на однесување, тоа да го пријават, а потоа имаме механизми како да дојдеме до докази и како сето тоа да биде санкционирано. Мора еднаш засекогаш да се стави крај на ваквите работи ако сакаме да одиме напред – нагласи Мицкоски.
Истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК и единиците на Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера вршеа претреси на повеќе локации низ државата поради сомнежи за корупција, информираа вчера од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
– Во моментов истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК и единиците на Министерството за внатрешни работи (МВР), под раководство на јавен обвинител од ова Обвинителство, вршат претреси на повеќе локации низ државата – велат од ОЈО ГОКК.
Претресите, како што додаваат, се поради основано сомневање за сторени кривични дела од коруптивна природа.



































