Основен кривичен суд Скопје соопшти дека успешно е спроведена првата екстрадиција од Обединети Арапски Емирати во Македонија. Се работи за лицето Ф.Л., кое со правосилна пресуда од 10 јуни 2020 година е осудено на казна затвор во траење од три години и шест месеци за кривично дело поврзано со неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Од судот информираат дека на 26 јануари 2021 година бил изготвен упатен акт за издржување на затворската казна, но осудениот не се јавил во установата. Поради неговата недостапност, на 18 јануари 2022 година била издадена наредба за распишување потерница. Откако Министерство за внатрешни работи на Македонија доставило известување дека лицето се наоѓа надвор од државата, на 24 март 2022 година била распишана меѓународна потерница со барање за екстрадиција.
На 21 мај 2025 година Министерство за правда на Македонија го информирало судот дека осудениот е лоциран во Обединетите Арапски Емирати. Потоа биле обезбедени сите потребни документи и преводи на арапски јазик и преку Министерството за правда доставени до надлежните органи во Емиратите. На 10 февруари 2026 година било добиено известување дека лицето ќе биде екстрадирано во земјава.
Од судот дополнуваат дека КПУ Идризово потврдила оти на 20 февруари 2026 година лицето било спроведено од страна на Интерпол за издржување на изречената затворска казна.


































