Во затворот „Идризово“ денеска бил откриен тунел за бегство. Информацијата за МИА ја потврди директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ.
– По добиени информации денеска заедно со директорот на затворот, Шпенд Тахири, почнати се активности за отстранување на некои објекти за поголема безбедност и во соработка со други институции, по споделени сознанија, пронајден е тунел – изјави за МИА Стојановиќ.
Тунелот, како што појасни Стојановиќ, не е надвор од периметарот на затвореното одделение, што значи дека нема шанси за евентуално бегство низ него.
Активностите се почнати денеска изутрина и надлежните институции ги преземаат сите потребни мерки. Тунелот е во делот на затворот каде се сместени затвореници кои издржуваат високи казни.
Министерството за внатрешни работи, Биро за јавна безбедност, Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со Агенцијата за национална безбедност спречи организирано бегство од Казнено поправниот дом Идризово.
Имено, Министерството за внатрешни работи по добиени криминалистички сознанија дека група од најмалку осум осуденици кои издржуваат казна затвор во „Идризово“, осудени за сериозни кривични дела со определени казни од 10 години до доживотен затвор, подготвуваат бегство од затворот со копање на тунел, спроведе криминалистичко оперативни активности на проверка на информациите по што истите ги сподели со Управата за извршување на санкциите.
По доставувањето на сознанијата до Управата, од нивна страна се извршени проверки на местото кое беше посочено како потенцијален тунел, при што беше утврдено постоење на ископан тунел во должина од околу 40 метри, лоциран до објект кој се користел за одлагање на јаглен во правец на заштитната ограда позади која се наоѓа женското одделение, а во непосредна близина на зградата на затвореното одделение на затворот, на длабочина од околу еден метар, во дијаметар од околу 80 сантиметри, соодветно обезбеден со попречни греди и тули. Во тунелот се пронајдени повеќе пластични корпи на кои се врзани јажиња, а со кои се извлекувала ископаната земја и електричен кабел со сијалица која им служела за осветлување на тунелот.
Министерството за внатрешни работи во координација со надлежното јавно обвинителство презема дополнителни мерки и активности за расчистување на случајот.