Вчера беше запален автомобилот на пратеникот Петар Ристески/Фото: Твитер - Драган Ковачки

Возилото на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески било опожарено ноќеска околу 2 часот по полноќ, на улица Цар Самоил во Прилеп.

Возилото „шкода“ целосно е опожарено, а во пожарот било зафатено и уште едно возило во сопственост на семејството. Настанот е пријавен во полиција, а од СВР Битола го потврдуваат.

Пожарот бил изгаснат со интервенција на пожарната. Полицијата извршила увид на местото на настанот. Ка.М.


Обвинителството изврши увид на опожареното возило

Обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп изврши увид на лице место на локацијата каде во текот на ноќта беше опожарен автомобилот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески.

– По наредба на јавниот обвинител беа подигнати траги од лице место кои ќе се вештачат со цел да се утврдат причините за инцидентот. Јавниот обвинител издаде и наредби за обезбедување на евентуални снимки од видео надзорот на околните објекти во критичниот момент на опожарување на возилото – информираат од Обвинителството.

Претходно денес, на својот фејсбук-профил, информацијата за опожарениот автомобил ја сподели пратеникот од опозицијата, Драган Ковачки. Тој рече дека инцидентот се случува откако Ристески информираше дека ќе гласа против уставните измени.