Фото: Нова Македонија

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

– Осомничениот 20-годишник, на 29 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко по десната сообраќајна лента од булевар „Партизански Одреди“. Меѓутоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка. Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала – велат од ОЈО.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Инаку, момчето што ја прегази девојката, според информации од Обвинителството и претходно бил во притвор, но за друго кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци.

Како што информираа од ОЈО, Кривичниот суд тогаш пресудил дека момчето треба да оди во воспитно поправниот дом Тетово и дека Јавен обвинител барал притвор, но при изрекување на пресудата судот ја укинал оваа мерка.

Обвинителот ја обжалил одлуката на судот и предметот во моментот е во жалбена постапка, објаснуваат од ОЈО.