Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен скопјанец осомничен дека физички ја нападнал својата бремена вонбрачна партнерка, при што ѝ нанел повеќе телесни повреди за време на семејно насилство во нивниот дом.
Според обвинителството, осомничениот во семејниот дом на улицата „Рајко Жинзифов“ физички ја нападнал својата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Како што соопшти Јавното обвинителство, за време на расправија, тој ја удирал со тупаници и шлаканици, нанесувајќи ѝ телесни повреди, гребаници, отоци и хематоми на главата и телото.
-Оштетената почнала силно да вика и да бара помош со намера да слушнат соседите и да повикаат полиција, но колку посилно викала толку осомничениот станувал поагресивен и посилно ја удирал, а во еден момент со намера да ја замолчи ја притиснал со раце на вратот. Жртвата, за да се спаси и да излезе од домот, го убедила осомничениот да одат на гинеколог за да направат ЕХО преглед и да го видат бебето – се наведува во соопштението на Обвинитеството.
На семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа избегала од автомобилот и влегла во близок локал, каде од непознат граѓанин позајмила телефон и веднаш ја повикала полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка поднесе предлог за определување мерки на претпазливост, повремено јавување на осомничениот пред службено лице или надлежен орган, привремено одземање патна исправа и забрана за приближување или воспоставување контакт со оштетената.

































