Основното јавно обвинителство Куманово ја заврши предистражната постапка за случајот со смртта на 32- годишниот кумановец Ведат Адеми во кумановската болница. Обвинителката Теута Бедиу Рамадани, денеска информираше дека направено е дополнително вештачење во судска медицина, формиран е предмет против двајца лекари и медицинска сестра.
– За тој предмет завршена е предистражната постапка, направено е и дополнително вештачење во судска медицина, формиран е КО предмет против двајца доктори една медицинска сестра и постапува јавниот обвинител Иса Сулејмани. Предметот е за несовесно лечење на болни со тешка последица смрт, се работи и се постапува по предметот, на распит се повикани сите доктори кои можат да сведочат и тие кои се осомничени – изјави Бедиу Рамадани.
Ведат Адеми, почина на 17 март 2025 година во Општата болница Куманово, откако примил терапија за која семејството вели дека бил алергичен, односно пациентот починал по алергиска реакција од аналгетик-аналгин. Подоцна, тогашниот министер за здравство Арбен Таравари го разреши тогашниот директор на болницата Стефан Трајановски.


































