Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог на осомничениот судија Ѓоко Ристов да му биде определена мерка куќен притвор, соопштуваат од ОЈО ГОКК.
-Денеска предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар. Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор – стои во соопштението.
Освен оваа мерка, како што дополнуваат, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.
Осомничениот апелационен судија се товари за кривичните дела противправно стекнување и прикривање имот (чл. 359-а ст.3 во врска со ст.1), и перење пари и други приноси од казниво дело (чл. 273 ст.1) бидејќи во домот на неговите родителите во Неготино, полицијата пронашла 350.000 евра заѕидани во ѕид, за кои постои сомневање дека се незаконски стекнати.



































