Основниот кривичен суд Скопје го одложи денешното судско рочиште на кое требаше да биде донесена пресудата против 25-годишниот скопјанец Фатон Љури кој на 1 јули годинава управувајќи мотор „Кавасаки“ без возачка дозвола на пешачка патека на кејот на Вардар, во близина на Паркот на франкофонијата го прегази Југослав Николовски (68) и избега.
Како што информираше Судот, рочиштето е одложено поради отсуство на обвинетиот, кој поради стомачен вирус, утринава, пред почетокот на судењето завршил на инфузија.
На минатото рочиште, обвинетиот Љури призна вина за прегазувањето на пешакот Југослав Николовски, но не и за тоа дека не му укажал помош на повредениот.
Обвинителството го товари Фатон Љури за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Според обвинителниот акт, обвинетиот управувал мотор „Кавасаки“ по пешачка патека, иако немал возачка дозвола и возел спротивно на сообраќајните прописи. Иако брзината на моторот била 35 километри на час, таа се смета за небезбедна на локација која е наменета исклучиво за пешаци. Поради тоа, обвинетиот не успеал навреме да запре и удрил во пешакот Југослав Николовски, кој се здобил со тешки телесни повреди. Повреден бил и сопатникот на моторот.
Во обвинителниот акт се наведува дека наместо обвинетиот да укаже помош, тој го напуштил местото на несреќата, оставајќи го моторот зад себе. Пешакот бил пренесен на Ургентниот центар во Скопје, каде подоцна им подлегнал на повредите.




































