Основен кривичен суд Скопје соопшти дека утрешното рочиште за предметот „Пулс“ се одлага поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Гроздан Милковски, сопственик на објектот, кој во моментов се наоѓа на болничко лекување во Општа болница Кочани.
Како што информираат од Судот, претседателот на судечкиот совет во текот на денешниот ден остварил телефонска комуникација со лекарите задолжени за лекувањето на обвинетиот. Од нив било посочено дека Милковски во моментов не е во здравствена состојба што би му овозможила присуство на главната расправа, но дека се очекува неговата состојба да се подобри, по што ќе може да продолжи да го следи судењето.
Од Кривичниот суд наведуваат дека, поради економичност и ефикасност на постапката, сите учесници во процесот се навремено известени за отповикувањето на утрешното рочиште.
Воедно, странките се информирани дека сите веќе закажани последователни термини остануваат непроменети.
Следното рочиште е закажано за 25 февруари, а постапката се наоѓа во доказна фаза, со изведување докази од страна на Обвинителството.
Случајот „Пулс“ се однесува на трагичниот пожар што избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК во дискотеката Пулс во Кочани. Во пожарот животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Според досегашните наоди, во објектот имало поголем број посетители од дозволениот, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле употребени без соодветна дозвола. Дискотеката, како што е наведено во обвинението, работела незаконски повеќе од десет години, без исполнување на минимално-техничките услови, со изведени реконструкции без одобрение и без соодветен систем за противпожарна заштита.
































