Сторителите на таканаречените „романтични измами“ низ комуникација со потенцијалната жртва искажуваат (глумат) силни чувства спрема неа, а потоа, добивајќи ја нејзината доверба, бараат пари, скапи подароци или податоци за банкарските сметки на потенцијалната жртва. Исто така, измамниците може да бараат жртвата да им испрати интимни фотографии или видеа, за потоа да ја уценуваат… Ова го посочуваат експертите од областа на борбата со општиот криминал и предупредуваат луѓето да бидат крајно внимателни и да не споделуваат со непознати никакви видеоматеријали што би можеле да ги компромитираат, а кои би им користеле на криминалците

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА ТРЕНДОТ НА СЀ ПОЧЕСТИ „РОМАНТИЧНИ“ ИЗМАМИ

Категоријата граѓани (т.н. самци) што поради сплет на околности не пронашле животен партнер и кои животот претежно го минуваат сами, но со надеж дека можеби еден ден среќата ќе им се насмевне, се најчестата цел на криминалците измамници преку еден специфичен „модус операнди“ наречен романтична измама.
Имено, сторителите на ваквите измами се обидуваат да ја злоупотребат и максимално да ја искористат токму таа осаменост на жртвите, за остварување некаква лесна нелегална заработка, обвиена во „романтична“ обланда. Осаменоста што ја чувствуваат овие луѓе ги прави ранливи, но и доста лесна цел за разни злоупотреби. Па, така, според криминалистиката, оваа категорија граѓани најчесто се жртви на разни лажни љубовни понуди и понуди за брак, но и на разни ветувања што би требало нивниот живот да го направат поисполнет.

„ГЛУМЕЦ“ ОД ТУРСКИ СЕРИИ ВРБУВА ЖЕНИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Хрватската полиција го истражува неодамнешниот случај во кој беше измамена 49-годишна жена од Пула. Таа била измамена за повеќе илјади евра, откако на социјалните мрежи запознала маж што се претставил како турски глумец. Извесен временски период таа се допишувала со него, за потоа да заклучи дека е жртва на измамник. Откако мажот ја добил нејзината доверба и ѝ ветил љубов, побарал од неа да му уплати пари.
Оштетената во периодот од 6 декември минатата година до 25 јануари годинава му уплатила повеќе од десет илјади евра на неколку сметки, а сфатила дека била измамена кога добила лажен мејл, наводно испратен од американското ФБИ, со барање за дополнителна исплата на средства, по што случајот го пријавила во полиција.
И тоа не е единствениот пример на Балканот, ниту пак во светот. Бројката на измамени жени и мажи речиси секојдневно е сѐ поголема, како резултат на добрите сценарија што ги смислуваат криминалците за да успеат да ги натераат своите жртви да им ги дадат нивните пари.
За да се избегнат ваквите случаи, кои, за жал, стануваат сѐ почести, експертите ги предупредуваат граѓаните да бидат внимателни при комуникацијата на социјалните мрежи, а особено при запознавањето непознати на сајтовите за таков вид виртуелна комуникација.
Измамниците целат на жртви на интернет за да остварат противправна имотна корист со измами на разни начини, меѓу кои најчести се љубовните.
– Сторителите на таканаречените романтични измами, низ комуникација со потенцијалната жртва искажуваат силни чувства спрема неа, а потоа добивајќи ја нејзината доверба, бараат пари, скапи подароци или податоци за банкарските сметки на потенцијалната жртва. Исто така може да бараат жртвата да им испрати интимни фотографии или видеа, за потоа да ја уценуваат – посочуваат експертите и предупредуваат луѓето да бидат крајно внимателни и да не споделуваат со непознати никакви видеоматеријали што би можеле да ги компромитираат, а кои би им користеле на криминалците.

„СЕМЕЈНИ“ ИЗМАМНИЧКИ ШЕМИ ВО ЕВРОПА

За жал, ваквите измами стануваат сѐ почести низ целиот свет. Европа не е исклучок, па токму тука ги има во доста голем број. Европол минатата година дури и работеше на разбивање цела криминална мрежа што целеше на постари лица што немале партнери и кои биле осамени.
Криминалната група беше именувана како „Семејна криминална банда“ од Романија. Оваа група криминалци оперирале во јужната италијанска област Калабрија, каде што целеле на постари лица, за да извлечат финансиски средства.
Криминалната мрежа користела млади жени вработени како одржувачи на домови, односно како готвачки и чистачки, за да измамат постари лица. Тие имале задача да ги убедат постарите клиенти кај кои биле ангажирани, а кои биле од машки пол, да им позајмат поголеми суми пари. Според полицијата, тие во многу случаи се впуштале во љубовни врски со клиентите, при што користеле разни изговори дека им се потребни пари, почнувајќи од сериозни болести, од кои наводно заболеле тие или членови на нивното блиско семејство.
Криминалните активности биле насочени кон мажи на возраст меѓу 70 и 90 години што живееле сами, изолирани од своите семејства. Забележани биле дури и случаи на изнуда, доколку жртвите одбивале да дадат парични средства.
Тогаш беше евидентиран и случај во кој вработена измамничка во дом на постар човек му дала валиум, кој е силен лек, за полесно да го реализира грабежот на неговиот дом. Во таа пригода, жртвата претрпела два срцеви удари.
Жртвите им префрлале големи суми на жените, а во полициската евиденција стои дека една жртва претрпела загуба дури од 20 илјади евра.
Другите соработници на жените ги собирале парите и ги испраќале во Романија, преку различни начини и методи за трансфер на пари, а откако ќе пристигнеле во Романија, криминалните организации ги переле преку инвестиции во недвижен имот, возила и злато. Истрагата процени дека криминалната банда заработила повеќе од еден милион евра. Во текот на истрагата, органите на прогонот идентификувале 56 члена на криминалната банда, од кои 16 биле клучни актери во шемата.

Широк спектар измами и во нашата држава

Во нашата земја досега не се регистрирани љубовни измами, меѓутоа тоа не значи дека нема измами. Напротив, сѐ поголем е нивниот број токму преку социјалните мрежи. Криминалците најчесто користат повици за донации, лажат дека реализираат наградни игри, само за да дојдат до личните податоци на потенцијалните жртви.
Исто така евидентирани се и случаи на уцени со користење разни лични информации, фотографии и видеоснимки, меѓутоа тие случаи се однесуваат на двојки што во минатото имале некаква емоционална врска.
И нашите полициски власти изминатиот период апелираа до граѓаните да бидат крајно внимателни, да не потпаѓаат под разни апели за помош, односно да проверуваат пред да му ги дадат некому личните податоци.
Особено се апелираше да не се даваат податоци за банкарски сметки, матични броеви и број на лична карта, бидејќи токму тие податоци им се доволни на криминалците да крадат пари од личните сметки на жртвите, но и да земаат брзи кредити, што е сѐ почесто на нашата територија.