Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца сопружници осомничени за продолжено кривично дело – Обљуба со злоупотреба на положбата од член 189 став 2 од Кривичниот законик, информираше ОЈО.
– Осомничениот очув на жртвата подолг временски период ја злоупотребувал својата положба и го наведувал на обљуба и други полови дејствија девојчето родено 2009 година кое му било доверено на чување и воспитување. Кон дејствијата придонела и мајката на девојчето, која иако знаела, ниту го пријавила, ниту го спречила осомничениот во дејствијата. Со тоа не го заштитила детето од злоупотребите, иако девојчето во повеќе наврати барало помош од неа – велат од ОЈО.
Оттаму додаваат дека предметниот јавен обвинител предложил на осомничениот очув да му биде определена мерка притвор, додека за осомничената мајка се предложени мерки на претпазливост. Јавниот обвинител ќе се координира со Центарот за социјални работи за да се преземат дејствија за згрижување на трите малолетни деца во семејството, вклучувајќи ја и жртвата.


































