Битолското јавно обвинителство побара притвор за Ламбе Алабаковски кој призна дека го подметнал пожарот во бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, изминатиот викенд.
– Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против едно лице за кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик. Постои основано сомнение дека пријавениот 34-годишник на 4 јуни, во раните утрински часови, со пожар предизвикал значителна опасност по имотот од големи размери. Тој истурил бензин врз влезната врата од Културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, ставил фитил на прагот и го запалил. Бидејќи постои опасност осомничениот да се даде во бегство, особено со оглед на фактот што тој има двојно државјанство на Р.С. Македонија и на САД каде живеел до неодамна, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор – се наведува во соопштението на Обвинителството.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски преку Фејсбук информираше дека случајот со подметнатиот пожар веќе расчистен и има приведен што го признал делото. Извори во МВР потврдија дека станува збор за пејачот Ламбе Алабаковски. МВР исто така побара одредување мерка притвор поради тоа што, нагласи Спасовски, исполнети се условите по однос на таквото барање.