Sudenje ADITIV
Фото: МИА

Обвинителството очекува осудителна пресуда и конфискација на имотот на обвинетите во случајот „Адитив“, поради основано сомнение за злосторничко здружување и перење пари. Јавната обвинителка Наташа Поп Трајкова денеска изјави дека располагаат со доволно материјални и вербални докази кои ќе ја докажат вината на обвинетите. Во однос на фактот шро во случајот има обвинето цели семејства, рече дека е бидејќи преку нивните сметки или фирми се вршеле фиктивни трансакции, а за истрагата за претседателката на ДКСК, Татјана Димириевска, кажа дека е во тек и обвинителството анализира голем број електронски податоци.

По завршување на првото рочиште од судењето кое се одржа во дигиталната судница при КПУ Идризово, јавната обвинителка Наташа Поп Трајкова изјави дека обвинителството ќе ја докаже морална распаднатост на системот на управување на АД ЕСМ во времето кога обвинетите ги вршеле своите службени должности и рече дека се надеваат не само на осудителна пресуда, туку и пресуда со која ќе се изврши конфискација на имотот.

-Ќе докажеме дека во секој еден дел од обвинението дека обвинетите се организирале во злосторничко здружување со цел вршење на кривичните дела кои се однесуваат на перење пари и други приноси од казниво дело. Обвинителството располага со голем број на материјални и вербални докази кои што ќе бидат изведени во текот на оваа постапка и Обвинителството е убедено дека ќе го докажеме секој еден сегмент кој стои на товар на обвинетите и се надеваме дека по изведување на приложените докази судот ќе донесе не само осудителна пресуда, туку и пресуда со која ќе се изврши конфискација на имотот за кој обвинителството уште пред донесување на наредбата за истражна постапка побара замрзнување на овие имоти како не би можеле обвинетите да располагаат со истите, а во исто време како државата би била намирена за своето оштетно побарување кое се движи во стотици милиони денари штета – рече таа.

Во однос на барањето да се суди во отсуство на поранешниот директор Васко Ковачевски, таа одговори дека тоа е бидејќи постојат особено важни причини за тоа.

-Согласно закон, кога некој од обвинетите е недостапен за органите на прогонот а постојат особено важни причини да се суди во отсуство, а тие во овој случај се големиот број на обвинети лица против кои е определена најстрогата мерка за обезбедување присуство, а секако, имајќи предвид дека обвинителството располага со доволно материјални и вербални докази за докажување на вината, и секако, како не би се одолговлекувала постапката токму поради отсуство на овој обвинет, ние предложивме да се суди во отсуство – појасни Поп Трајкова.

Дополни дека против овој обвинет, и во оваа постапка, и во уште една постапка што се води во ОЈОГОКК, се распишани и национални и меѓународни потерници и по пронаоѓање на истиот, како што рече „се надеваме дека од страна на органите на МВР во соработка со своите странски партнери за истиот ќе биде побарана екстрадиција“.

За фактот што во случајот има обвинети цели семејства, таа рече дека е поради тоа што преку нивните сметки или преку правните лица кои што ги поседувале во нивна сопственост се вршени фиктивни трансакции.

-Секој за кого обвинителството смета дека има доволно докази за сторено кривично дело, му е местото на обвинителната клупа, без оглед на неговата возраст. Дел од семејствата на обвинетите, кои што и самите се обвинети бидејќи биле свесни за дејствијата кои што ги преземале, со обвинителниот акт се обвинети за кривичното дело перење пари, што значи, преку нивните сметки или преку правните лица кои што ги поседувале во нивна сопственост се вршени фиктивни трансакции заради прикривање на потеклото на противправно стекнатиот имот. За друг дел од членови на семејствата, самите членови на семејствата, како сопственици или управители, учествувале во изигрување на постапката за добивање на постапката за јавна набавка на средството адитив – образложи обвинителката.

За истрагата поврзана со претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитроевска, обвинителката нагласи дека „истрагата е во тек“ и дека „се работи за голем број на електронски податоци“.

-Истрагата е во тек, јавноста е запознаена дека од неа е одземен мобилен телефон. Податоците од истиот се екстрахирани. Се работи за голем број на електронски податоци и во оваа фаза на постапката истите се анализираат, паралелно, со делот на веќе анализираните податоци обвинителството презема и соодветни дејствија. Во овој момент толку можам да споделам по однос на ова и ќе ви заблагодарам ако имате трпение, вистина, се работи за голем број на електронски податоци кои што, како што реков, се предмет на една опсежна анализа, не само на истражниот тим на обвинителството, туку се вклучени и други – рече таа.

На денешното судење за случајот „Адитив“ сите обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни, додека, Обвинителството истакна дека има цврсти докази и дека ќе ја докаже вината.

Случајот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј.

Обвинети се над 30 физички лица и пет правни лица, меѓу кои и високи службеници од енергетскиот сектор. Обвинети во случајот се Васко Ковачевски, Васко Стефанов, Маја Јорданова, Адријан Муча, Данчо Стојановски, Небојша Стојановиќ, Пеце Матевски, Милица Стојановиќ, Пецо Стојановски, Мирко Стојановиќ, Ранко Стојановиќ, Драган Силјановски, Пеце Чалески, Зоран Наумовски, Снежана Макариоска, Мира Василевска, Владо Мицески, Стојан Мицкоски, Неџбудин Нуредини, Драган Чакароски, Дијана Савеска, Влатко Алексовски, Александра Стојановска, Игор Алексовски, Велимир Алексовски, Сузана Алексовска, Тошо Матески, Златко Трпески, Васко Јосифовски и Александар Пасков.

На обвинетиот Ковачевски ќе му се суди во отсуство бидејќи е недостапен за органите на прогон. Додека, за обвинетиот Саша Крстевски, судот денеска донесе одлука постапката да се води одвоено, поради здравствени причини.

Обвинети се и пет правни лица помеѓу кои „Хем Алијанс ДООЕЛ Неготино“, „Дади Трејд ДООЕЛ Велес“, „Контракси компани“ и стоматолошка ординација од Велес. Нивните претставници денеска, исто така, изјавија дека правните лица немаат вина.

Следното рочиште е закажано за 26 јуни во 9.30 часот. Процесот го води судијката Даниела Димовска.