Фото: Пиксабеј

Јавен обвинител од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција по спроведена темелна истрага, денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица – директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје и негов човек од доверба, кој на 8 април годинава, беше фатен како примил поткуп од 20.000 евра за болничко згрижување на лице.

Со дејствијата опишани во диспозитивот на актот првообвинетиот, директорот на ЈЗУ „13-ти Ноември“ – Скопје, сторил кривично дело – Примање поткуп, а второобвинетиот се товари дека сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.

– Првообвинетиот за болнички прием на лице во тешка здравствена состојба, од сведок – давател на доживотна издршка на лицето, директно побарал поголема имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морало да го изврши. Второобвинетиот директно ја примил таквата корист за првообвинетиот за да со искористување на своето реално влијание интервенира да се изврши службеното дејствие што морало да се изврши од првообвинетиот. При примање на дел од договорената сума во износ од 20.000 евра, второобвинетиот бил фатен на лице место од страна на полицијата – се вели во соопштението од Обвинителство.

Со Обвинителниот акт е доставен и Посебен предлог со кој обвинителството ценејќи дека не се променети околностите и нема услови за определување на поблага мерка за обезбедување присуство на обвинетите, предлага да се продолжи определената и продолжувана мерка притвор спрема двајцата обвинети.

Во април годинава, Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им определи триесетдневен притвор на двајцата осомничени.

Директорот на Геријатриската болница „13 ноември“, Мухсин Арифи, беше назначен за в.д. директор на Геријатрија во јули, минатата година од страна на министерот за здравство Арбен Таравари. Претходно беше директор на Психијатриската болница во Бардовци.