Фото: „Нова Македонија“

Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со поднесените обвиненија во предметот „Онкологија“, до Основниот кривичен суд Скопје вчера поднесе и предлог за определување мерка притвор за двајца обвинети – медицински и организациски директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје.

На обвинетите им се ставаат на товар повеќе кривични дела за кои се запретени високи затворски казни, а последицата од сторените кривични дела опфаќа и нанесување на значителна имотна штета на Буџетот на Република Северна Македонија, што може да влијае врз мотивот на обвинетите да се дадат во бегство.

-Во фазата на истрага за овие лица на сила беа мерки на претпазливост, но со поднесување на обвинението подигнат е степенот на сомнение за обвинетите, како и извесноста од кривично правна одговорност и од санкционирање за нивните противправни дејствија – се вели во соопштението од ЈОРСМ.

Поради опасност од бегство како резултат на природата и тежината на предметните кривични дела за кои им се поднесени обвиненија, за тројца обвинети лекари – онколози предложени се мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино  издавање.

ОЈО Скопје вчера,  на прес-конференција, информираше дека се поднесени две обвиненија за предметот „Онкологија“. Како што соопшти предметната јавна обвинителка, Ана Гоговска Јакимовска предметот е поделен на два дела – првиот се однесува на економското работење на Клиниката за Онкологија во кој се опфатени тогашниот директор и организацискиот директор на Клиниката и вториот дел од предметот се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари онколози.