Основното јавно обвинителство Битола отвори истрага против лице осомничено за повеќекратно продавање марихуана и овозможување нејзина употреба на малолетници, од кои некои имале само 14 години. Случајот се однесува на дејствија извршени во текот на 2024 и 2025 година.
Како што соопштуваат од Обвинителството, лицето се сомничи за продолжени кривични дела поврзани со неовластено производство и продажба на наркотични дроги, како и овозможување употреба на дрога.
-Во текот на 2024 и 2025 година осомничениот во повеќе наврати неовластено продавал наркотична дрога – марихуана на наркозависници. Во текот на претходната постапка обезбедени се докази и дека за целиот тој период осомничениот во повеќе наврати им овозможувал да употребуваат марихуана и на малолетници на возраст од 14 години. При претрес во неговиот дом на 12 мај биле пронајдени околу 8 грама марихуана кои ги држел за неовластена продажба- стои во соопштението од ЈО.
Дополнуваат дека јавниот обвинител поднел предлог до Основниот суд во Битола за определување мерка притвор за осомничениот.