Фото: Нова Македонија

Основното јавно обвинителство во Битола, во координација со Истражниот центар при обвинителството и СВР Битола, откри организирана шема на измами на граѓани преку лажни информации за сообраќајни несреќи. Според првичните сознанија, случаите се поврзани со телефонски броеви од Романија.

Од обвинителството информираат дека во последните два до три месеци на подрачјето на Битола биле измамени повеќе од десет граѓани, од кои биле извлечени над 60.000 евра, како и други вредни предмети. Бројот на вакви измами значително се зголемил од почетокот на февруари, кога биле евидентирани уште шест слични случаи.

Начинот на извршување, според обвинителството, во сите случаи е речиси идентичен. Цел на измамниците најчесто се повозрасни лица, кои добиваат телефонски повик со информација дека нивен близок роднина е тешко повреден во сообраќајна несреќа и дека итно се потребни пари за операција.

Во други случаи, измамниците тврдат дека нивни роднини предизвикале тешка сообраќајна несреќа и дека е потребна парична сума за да се избегне затворска казна.

Исплашени и доведени во заблуда, оштетените се согласуваат да предадат значителни суми пари – од неколку десетици илјади денари до повеќе од 20.000 евра, како и златен накит и други вредни предмети. Парите ги предавале на различни локации во Битола на лица кои претходно биле ангажирани преку огласи на социјалната мрежа Фејсбук.

Досега Основното јавно обвинителство Битола поднело обвинение против четири лица кои се сомничат дека како соизвршители ги преземале парите од измамените граѓани.

Според досегашните информации од истрагата, собраните пари подоцна биле пренесувани и предавани на засега непознато лице во Бугарија. Заедничка карактеристика на сите случаи се и телефонските броеви од Романија преку кои измамниците стапувале во контакт со жртвите.

Во насока на целосно расветлување на случајот, обвинителството веќе упатило барање за меѓународна правна помош до надлежните институции во овие земји, со цел идентификување на сторителите.

Во меѓувреме, истражните органи апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не прифаќаат да предаваат пари „на рака“ на лица кои не ги познаваат, особено кога се работи за телефонски повици со ваква содржина.