Фото: Архива/Илустрација

По спроведената истрага, Основното јавно обвинителство Кавадарци поднело обвинителен акт против едно лице за кривично дело убиство. Како што соопшти државното Јавно обвинителство, обвинетиот 43-годишник, на 27 јули годинава од користољубие го лишил од живот својот помлад брат.

– На роденденот на жртвата, двајцата браќа започнале да се расправаат, бидејќи обвинетиот верувал дека неговиот брат сака да го преземе целиот имот. Поттикнат од чувства на гнев и омраза, тој со тапиот метален дел од тесла го удрил брат му по главата, а кога оштетениот паднал, уште два пати го удрил со теслата, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди. Потоа обвинетиот си заминал, а следниот ден се вратил во домот на оштетениот и телото го префрлил во бањата. Во следните неколку дена исто така се враќал за да го прикрие делото, ја бришел крвта од подот и од предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети – наведува ЈОРСМ.

Во периодот од 30 јули до 5 август, кога било откриено телото, обвинетиот во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата.

Јавниот обвинител со поднесеното обвинение побарал продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.