Обдукцијата која се изврши денес по наредба на основен јавен обвинител од ОЈО Прилеп ќе ја покаже причината за смртта на новороденчињата, близначиња, стари дваесетина дена од село Славеј, Прилепско.
– Смртта на близначињата – машко и женско била пријавена вчера во полиција, а потоа и во ОЈО Прилеп. Преземени се сите истражни дејствија во врска со настанот, извршен е увид во домот на родителите на починатите близначиња во село Славеј и истрагата е во тек – вели Стевчо Биноски, обвинител од ОЈО Прилеп.
Од МВР велат дека кај нив било пријавено дека во домот на З.Р. (39) и В.Р. (23) во село Славеј, Прилепско, починало неколку недели старо машко бебе, додека во болница во тешка здравствена состојба била донесена неговата сестра близначка, која, исто така, починала вчера околу 13 часот.
Од Општа болница Прилеп преку соопштение информираа дека на 16.01.2025 година, во 10:45 часот, на одделот за детски болести било донесено женското новороденче во многу тешка здравствена состојба како резултат на премрзнување.
– По приемот на женското новороденче, веднаш е преземена интензивна медицинска интервенција. Извршена е реанимација, новороденчето е интубирано, поставено во топли ќебина и применети се дополнителни мерки за затоплување. И покрај сите преземени обиди од страна на медицинскиот персонал, состојбата продолжи да се влошува. Во 13 часот, за жал, е констатирана смртта на женското новороденче – велат од прилепската општа болница, од каде изразуваат жалење за загубата и посочуваат дека се посветени на обезбедување најдобра можна грижа за сите пациенти.
Од болницата информираат дека на 30.12.2024 година, мајката во својата четврта бременост се породила спонтано.
– Близначињата се недоносени, родени во 34-та гестациска недела. Првото новороденче, машко, беше со родилна тежина од 1.970 грама, а второто, женско, со тежина од 1.780 грама. На 10.01.2025 година, по барање на мајката и со нејзин потпис, новороденчињата се испишани од болницата – додаваат додаваат од болницата.
Иле Тасески, овластен заменик директор од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Прилеп (МОЦСР) на прес-конференција информираше дека во врска со немилиот настан за смртта на двете новороденчиња, веднаш откако биле информирани ги презеле сите мерки и активности кои соогласно законските прописи се должни да ги превземат како институција.
– Нашиот тим констатира одредени состојби и ќе донесеме мерки согласно законот – рече Тасески.
Гордана Велјановска, педагог од Центарот за социјални работи, член на стручниот тим, рече дека после добивање на одобрение и постојана комуникација и координација со надлежните инспектори од МВР, стручен тим од Центарот излегол и направил увид во домот на престојување на семејството во село Славеј.
– Врз основа на увидот констатирано е дека во семејството има уште три малолетни деца, условите каде што живее семејството не се екстремно лоши и нехумани, како што се прикажува во јавноста, туку напротив, родителите имаат обезбедено, греење во домот, храна и облека за децата, единствено што недостасува поголемо внимание е запазување на хигиената. Од евиденцијата на Центарот, семејството е корисник на родителски додаток за трето дете и гарантиран детски додаток, а повремено таткото работи како аргат во селото, а има и дополнителна помош од дедото кој е во редовен работен однос и им помага. Во текот на денешниот ден е извршиен нов увид во домот на семејството. Во моментот на увидот децата се згрижени од страна на дедото и е констатирано дека хигиената е подобрена отколку на првиот увид. Во текот на денешниот ден, обавен е разговор со родителите, кои се спремни за соработка. Од извршениот разговор добиени се сознанија дека новорденчината се родени со мала родилна тежина, биле задржани десет дена на болничко лекување, а потоа мајката со новороденчињата е предвреме пуштена во домашни услови. При увидот во домот е констатирано дека има бебешка храна, две шишиња за млеко, средства за хигиена, памперси, количка за близнаци. До немилиот настан до ЈУ МОЦСР Прилеп нема никаква пријава или дојава од страна на член на семејството или од страна на друго лице од пошироката средина, ниту од институција, дека семејството или било кој член на семејството се во состојба на ризик. Во наредниот период Центарот ќе соработува со родителите и ќе преземе мерки на родителски надзор за што е разговарано со родителите и истите се спремни на соработка – рече Велјаноска, посочувајќи дека во следниот период стручно и советодавно ќе работат со родителите за подигнување на родителските капацитети, а ќе имало и конкретни задолженија.
Ка.М.