Скопското обвинителство извршило увид и презема дејствија за утврдување на фактите за тешката сообраќајна несреќа во близина на мостот „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје, во која загина пешак.
– Првичните сознанија упатуваат дека до несреќата дошло кога автомобил марка „бмв“ со кумановски регистарски ознаки удрил во пешак кој ја преминувал улицата во непосредна близина на мостот – соопштија од обвинителството.
По наредба на обвинителот ќе се врши обдукција на телото на починатиот, а од лицето кое управувало со автомобилот земени се примероци од крв и урина за да се утврди евентуално присуство на алкохол или други недозволени средства.
Со наредба на јавниот обвинител ќе бидат обезбедени и снимките од видеонадзорот на околните објекти со цел да се утврдат причините за несреќата.
Издадена е и наредба за технички преглед на автомобилот.