Пожарникарите од Куманово скоро пет часа го гасеа пожарот во близина на Транзитниот центар Табановце. Од ТППЕ Куманово информираат дека нема зафатени објекти и на пожарот интервенирале три возила со деветмина пожарникари.
– Дојавата за пожарот е примена во 19:25 часот во атар на селото Табановце околу центарот за мигранти. Пожарот беше на поголема површина, зафатени беа нискостеблеста шума и сува трева. Според првични процени околу 50-тина хектари. Нема зафатено објекти. На пожарот интервенираа три екипи и девет пожарникари сè до 00:15 часот – изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.
Пожари вчера имаше околу наплатната рампа Романовце на двете страни од автопатот, сува трева гореше, во населбата „Тоде Мендол“ во липковското Отља и последниот во Никуштак.