Од вкупно 13 пожари на отворен простор изминатото деноноќие, 12 се изгаснати, а еден е ставен под контрола, информираат утрово од Центарот за управување со кризи.
Пожарот ставен под контрола е на територија на општина Берово. Како што се појаснува во соопштението, станува збор за огнените јазици на подрачјето на планината Готен кон Малешевските планини, а гореле бор, бука, нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација.
Изгаснатите пожари биле на територија на општините Арачиново, Гази Баба, Гевгелија, Кавадарци, Карбинци, Македонска Каменица, Радовиш, Желино, а останатите четири во прилепскиот регион.
На вчерашната прес-конференција, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов апелираше за внимателност за Илинденските празници, за да не се предизвикаат пожари.
– Апелирам до сите, за време на Илинденските празници, да бидат исклучително внимателни, бидејќи за миг може да настане пожар со катастрофални последици – нагласи Ангелов.