Во Основен кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Онкологија 2“, со сведочење на д-р Снежана Смичковска од Универзитетска клиника за радиологија и онкологија.
Смичковска пред судот изјави дека нејзината медицинска сестра секое утро ги носела историите на болест за потпис кај тогашниот директор на Клиниката, Никола Васев, додавајќи дека тој не се мешал директно во лекувањето на пациентите.
На прашање од адвокатот Дељо Кадиев, бранител на Васев, сведокот појасни дека немала конфликт со поранешниот директор, но дека во последните години немале контакт.
– Не сме скарани, но немавме контакт бидејќи не се согласував со начинот на водење и директорување – изјави Смичковска.
Таа додаде дека не се сеќава дали и пред Васев целата биолошка терапија морала да биде потпишана од директорот на Клиниката.
Во текот на распитот прашања постави и самиот обвинет Васев, осврнувајќи се на наводите од Фонд за здравствено осигурување на Македонија за постоење паралелен систем за евиденција. На негово прашање дали ракописот со сино пенкало во медицинските истории е нејзин, Смичковска одговори дека не го напишала текстот.
– Јас не сум го напишала, можеби некој го копирал – рече таа.
Сведокот се согласи и со тврдењето на Васев дека терапијата му била носена на потпис и дека тој не се вмешувал директно во третманот на пациентите.
Адвокатот Боби Спирковски се обиде да постави прашање поврзано со вештачење во друга постапка, но судот го прифати приговорот на обвинителството и не дозволи расправа по тоа прашање, образложувајќи дека станува збор за друг предмет.
Судењето ќе продолжи на 24 март, за кога е предвидено изведување писмени и материјални докази.
Во случајот „Онкологија 2“, Никола Васев и Нехат Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што, според обвинението, државниот буџет бил оштетен за речиси 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.
Покрај овој предмет, во тек е и судската постапка „Онкологија 1“, во која Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.
































