Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи во текот на изминатото деноноќие детектирал објава на социјална мрежа која укажувала на можна намера за самоубиство од страна на малолетно лице.
Од МВР информираат дека веднаш по добиените сознанија било постапено итно и координирано, при што биле преземени сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на корисникот. За кратко време лицето било пронајдено, со него бил извршен разговор и било констатирано дека е безбедно и во добра состојба.
За настанот биле известени и родителите, кои биле запознаени со состојбата и со понатамошните чекори што ќе се преземат.
Од Секторот за компјутерски криминал посочуваат дека случајот уште еднаш ја нагласува потребата од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Апелираат до родителите да одржуваат редовна и отворена комуникација со своите деца, да покажуваат интерес за нивните активности на социјалните мрежи и навремено да реагираат при забележување повлеченост, вознемиреност или загрижувачки објави.
Воедно, апел се упатува и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи – доколку забележат содржини што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформите или да известат родител, наставник, друго возрасно лице или најблиската полициска станица.
Од МВР потенцираат дека навремената реакција може да спаси човечки живот и нагласуваат дека ќе продолжат со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор.



































