Деветнаесет годишниот напач во основното училиште „Пречко“ во Загреб кој уби едно дете, а неколкумина рани со нож бил ученик во тоа училиште и моментално живее во близина на училиштето, изјави попладнево хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ.
-Шокирани сме од овие настани. 19-годишен млад човек влегол во училиштето и со остар предмет ги нападнал професорката и учениците. Едно дете починало, додека уште тројца повредени се испратени во медицински установи. Наставникот и напаѓачот се во болница и на сите лица им е укажана лекарска помош. Сторителот е 19-годишник кој бил ученик во тоа училиште и моментално живее во близина на тоа училиште – рече тој.
Насилникот бил совладан десет минути по пријавувањето на настанот.
-Тој си нанел и почнал да си нанесува повреди, исто така со нож. Се сокрил во блиските простории на Здравствениот дом. Полицијата го спречила да се самоубие – кажа министерот.
Според информациите на полицијата лицето имало психички нарушувања. Пред околу една година се обидел да се самоубе.
-Тешко е да се каже дека личноста била психички урамнотежена – додаде Божиновиќ.
Министерот за образование Радован Фукс изјави дека детекторите за метал се непрактични во училиштата, бидејќи проверката би траела со часови. Ова училиште, како што рече, има и видео надзор.
-Не се работи за ученик или терористички чин. Колку што знам, училиштето било отклучено и тој влегол – рече министерот.
Хрватските медиуми објавија дека наставничката е оперирана и во моментов не е во животна опасност. Меѓу повредените има и 15-годишно момче кое моментално е на операција, но не е во животна опасност. Другите две деца се на возраст од 11 и 7 години и се полесно повредени.
Министерката за здравство Ирена Хрстиќ впретходно денеска изјави дека е згрозена од нападот и изрази сочувство до семејството на починатото дете, а за повредените рече дека се пренесени во болница и во овој момент сите се надвор од животна опасност.
Загрепската полиција извести дека утрово, нешто пред 10 часот, млад човек со остар предмет или нож повредил наставник и неколку ученици во воспитно-образовна установа „Пречко“.
-Напаѓачот е под надзор на полицијата. На повредените им се укажува лекарска помош – соопштија од полицијата.