Лицето што утрово беше застрелано пред трговскиот центар „Мавровка“ е приватник. Лажна беше веста дека тој е адвокат. Истрагата за убиството сѐ уште трае, велат од МВР за МИА.
Оттаму велат дека напаѓачите најверојатно сакале да го ограбат убиениот скопјанец.
Претходно денеска МВР информираше дека две лица се уапсени во врска со убиството кое утрово се случи на паркинг-просторот пред трговски центар „Мавровка“ во Скопје, каде што со огнено оружје е застрелано едно лице кое почина на лице место. Од МВР велат дека им е познат идентитетот и на третото осомничено лице кое е во бегство.
Две лица уапсени за убиството кај „Мавровка“, се трага по третиот осомничен
Како што информираат од МВР, од страна на полицијата веднаш се преземени оперативно – тактички мерки, затворање на дел од градското подрачје, преглед на повеќе домови и преглед на повеќе возила, во кои се вклучени специјални полициски сили, хеликоптери и дронови.
На подрачјето на општина Чаир, појаснуваат, е забележено патничко возило кое се обидело да побегне, при што лицата од возилото пружиле отпор со употреба на огнено оружје.
– Полициските службеници возвратиле, по што едно лице е лишено од слобода. При преземањето понатамошни мерки, од слобода било лишено уште едно лице, а на полицијата е познат и идентитетот на третото осомничено лице кое е во бегство и за кое се преземаат мерки за негово пронаоѓање – стои во соопштението од МВР.
Во периодот што следува, како што дополнуваат од МВР, во некои делови од град Скопје ќе има зголемено полициско присуство со цел целосно расчистување на случајот.
Ова е втора престрелка во последното деноноќие, откако вчера во пукање во скопската населба Ченто, едно лице е повредено.
– На 19.08.2024 околу 20.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул. Александар Македонски од патничко возило во движење било пукано во патничко возило „пасат“ со австриски регистарски ознаки, при што со повреди се здобило едно лице кое е пренесено во Клинички центар – информираат од МВР.
Оттаму додават дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.