Фото: Маја Јаневска Илиева

Во текот на март, преку системот „Безбеден град“, биле регистрирани вкупно 26.241 сообраќаен прекршок на подрачјата каде што се поставени камери, информираат од МВР.

Најголем дел од прекршоците се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина – дури 25.230 случаи. Истовремено, евидентирани се 941 прекршок за управување возило со истечена сообраќајна дозвола.

За разлика од тоа, бројот на прекршоци за поминување на црвено светло е значително помал – регистрирани се 70 случаи, што претставува намалување од 68,2 проценти во однос на февруари.

Во истиот период, полицијата изрекла 544 мерки забрана за управување возило, што е за 16,7 проценти помалку во споредба со претходниот месец. Од нив, 474 мерки се изречени за брзо возење, а 70 за поминување на црвено светло.

Дополнително, од мерките за брзина, 362 се однесуваат на возење над 80 километри на час во населено место, 70 за надминување на ограничувањето поставено на возилото и 42 за брзина над 170 километри на час надвор од населено место.

Од МВР апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел да се зголеми безбедноста на патиштата.