Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство побара итна, темелна и независна истрага за трагедијата што се случи на 2 март во скопската населба Тафталиџе, каде животот го загубија 31-годишна мајка и нејзината шестгодишна ќерка.
Од Мрежата оценуваат дека случајот претставува „црвено знаме за целиот систем“ и бараат утврдување одговорност доколку се потврди дека институциите имале сознанија за насилство, а не презеле соодветни мерки.
– Доколку се потврди дека институциите имале сознанија, а не презеле соодветни мерки за заштита, бараме со име и презиме да се утврди одговорност кај сите службени лица – од Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и сите други надлежни институции – наведуваат од Националната мрежа.
Тие посочуваат дека трагедијата не е изолиран случај и дека само во 2026 година веќе се изгубени четири животи како последица на родово базирано и семејно насилство.
– Ова што го гледаме не се изолирани инциденти – ова е образец. Образец на недоволна превенција, задоцнети институционални реакции, слаба проценка на ризик и недоволна заштита на жртвите – истакнуваат од Мрежата.
Организациите бараат целосна и транспарентна истрага за постапувањето на сите институции, суспензија на службените лица до завршување на постапката, утврдување индивидуална одговорност и соодветни санкции, вклучително и кривична одговорност таму каде што ќе се утврди пропуст.
– Животот на жените и децата не смее да зависи од тоа дали системот ќе ја препознае опасноста дури откако трагедијата веќе се случила – порачуваат од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Соопштението е поддржано од повеќе граѓански организации и професионални здруженија кои делуваат во областа на човековите права, родовата еднаквост и заштитата од насилство.
































