Фото: Кире Михаилов/Фејсбук

Состојбата со пожарот на планината Готен на беровската страна е критична, неповолна и зафаќа нови површини, изјави денеска за МИА градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски.

-Заштитниот појас, кој претходно беше направен од општествено одговорната компанија „Би груп“ е пробиен. Побарана е поддршка и од повисоко ниво. Така да цениме дека во текот на денот, таа поддршка да делува и да влијае на скоро локализирање на истиот.Но, состојбата е навистина критична – вели Пекевски.

Посочува дека во моментов гори високостеблеста шума, пожарот е високо во планината. Но, какошто вели ќе има ризик по населени места, доколку се пробие заштитниот појас и да почне да се симнува кон населените места во беровскиот регион.

-Доколку е потребна евакуација на одредени земјоделски стопанства, или луѓе кои чуваат добиток на планината. Генерално населените места сега, засега се безбедни. Но, постои ризик доколку навреме не се делува да пожарот се спушти во нивна близина – вели Пекевски.

Инаку, Општина Берово и синоќа имаше состанок на Општинскиот кризен штаб, на кои се направени координации и се упати апел граѓаните да се вклучат во гаснење на пожарот на планината Готен.

Пожарот на планината Готен веќе над десет дена е активен, почна од страната на Општина Василево и се прошири на шумскиот предел на општините Радовиш и Берово. Заменик директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов вели дека на страната на Општина Радовиш од утринава од  воздухот дејствуваат два ер трактори и еден полициски хеликоптер.

-Има и огромна маса на луѓе коишто штитат и недзоволуваат пожарот да се симне надолу. Работи и механизацијата, тука се и специјализираните возила и во моментов се трудиме да го застанеме огнот, на една пресека којашто е направена, за да не ги загрози населените места – вели Михаилов.

Тој се надева дека координациите и делувањето на сите институции ќе дадат резултати, со цел овој голем шумски пожар се стави под контрола.