Фото: Архива/ Нова Македонија

На Граничниот премин „Деве Баир“ денеска во 10.30 часот на влез во земјава, се пријавил Дејан Давидовски-Дешо (43) од Скопје, еден од осомничените за упадот во Собранието на 27 април 2017 година.

– При редовната пасошка контрола е констатирано дека евидира на стоп листата со мерка „лиши од слобода“ за кривично дело по член 313 од КЗ и за кој од страна на Основен суд Скопје 1 на 18.12.2017 е одредена мерка притвор, по што лицето е лишено од слобода – појаснуваат од МВР.

Давидовски-Дешо, кој беше баран со меѓународна потерница за настаните во Собранието од 27 април, по седум години во бегство, на ГП „Деве Баир” на влез во Македонија од Бугарија се предал на македонските власти.

– Тој доброволно дојде во Македонија. Неговиот предмет е во истрага и има намера да ја оствари правдата пред македонските судови. Се смета себе си деκа не е виновен. Да не ја контаминираме истрагата, бидејќи тој се уште нема обвинение, би сакал само да напоменам дека во моментов очекуваме одлука од македонските судови во врска со неговото лишување од слобода – вели Тони Менкиновски, адвокат на Давидовски-Дешо.

По упадот во Собранието на 27 април 2017 година, Дејан Давидовски избега во Шведска каде се криеше седум години, а се бараше со меѓународна потерница. Тој пред пет години беше уапсен од шведските власти, но потоа и ослободен од шведскиот Врховен суд кој го одби барањето на Македонија за негова екстрадиција со образложениет дека тој се гони од политички причини. Давидовски е осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.