Со сослушување сведоци продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кое се одржува во судницата во затворот „Идризово“.
Сведокот Горан Игновски, сопственик на фирмата „Чкаља“ ДООЕЛ од Кисела Вода и брендот „Е-аудио“, изјави дека пред околу година и половина пред трагичниот настан им продал опрема на членови на музичката група ДНК, пренесе МИА.
Игновски, кој повеќе од 34 години се занимава со продажба и сервис на опрема за настани, рече дека на Панчо му продал куферче за далечинска активација на сценски ефекти, а на друг член на групата, кој подоцна дознал дека се вика Буцо, му продал осум патрони за таканаречени „топли фонтани“.
Според сведокот, куферчињата се продавале легално во неговата продавница, додека топлите прскалки не ги продавал вообичаено бидејќи за нив биле потребни бројни дозволи. Тој изјави дека лично донел околу 100 прскалки од Бугарија, кои главно ги користел за демонстрација на клиентите.
Игновски посочи дека не може да потврди дека прскалките што тој ги продал се истите што биле употребени во дискотеката „Пулс“, бидејќи, како што рече, групата ДНК користела вакви ефекти на многу настапи.
– Во изминатата година и половина имаат потрошено најмалку 100 до 200 прскалки. На речиси секој настап користеле вакви сценски ефекти – изјави сведокот.
Тој посочи и дека прскалките што ги донел биле со домет од два метра и наменети за внатрешна употреба. Според него, од видеата од трагичната вечер може да се заклучи дека биле користени прскалки со домет поголем од три метри.
– Да биле користени од метар и половина или два метра немало да има проблем. Овие што се гледаат на видеата имаат многу поголем домет – рече Игновски.
Пред трагедијата во Кочани, на настап во Гевгелија, во дискотека „Де факто“ ДНК, како што рече сведокот, имаат запалено платно и звучници, со истите прскалки и истото шоу.
Сведокот, појасни дека има топли фонтани за внатре и за надвор со разни големини од метар, два и три и појасни како се користат, нагласувајќи дека топлите прскалки ако ги допрете ќе ве изгори, а ладните и рака да ставите нема да ве изгори.
– Се става патрон. Се става во стенд бај, нема никој да го примети и можете кога сакате да го активирате. Тие се многу мали и дискретни. Ладните фонтани се големи кутии и доста се видливи на сцена. Релативно се многу поисплатливи да се користат, но уредот е поскап да се купи, и затоа кај нас повеќе се користат топли фонтани – изјави сведокот.
Куферчиња за активирање на фонтани, како и други работи како балони, прашок и топли фонтани, продавале легално со декларација увезени од Кина, по цена од 150 евра една. Според сведокот ладните прскалки на прашак се 500 евра, а за да се направи ефект треба да се купат четири и е мн поскапо, поради што многу помалку се користат.
– Куферчињата што ги продававме беа со осум бази и две даљинска. Постојат и со 12 и 4 бази. Процесот на активација, се става прксачката во уредот и батерија внатре и во стенд бај позиција. Отприлика може да се активира на 50 до 150 метри далечина. Патрони има за метар, два и три и тој што го користи треба да знае дека има за внатрешна и надворешна употреба. Тие за надвор се помалку запалливи. Полнењето е барут со магнезиум и алуминиум прашина. Буквално исти како тие за торти, само што се тие помали до 30 сантиметри и помал домет – изјави сведокот.
Тој потврди и дека дел од пиротехниката ја набавил од Бугарија и дека по трагедијата во Кочани престанал да продава вакви уреди. Еден од боксовите што ги имал на залиха го предал на полицијата по настанот.
Во својот исказ сведокот нагласи дека немал никаква соработка со дискотеката „Пулс“, ниту пак го познава сопственикот на објектот Дејан Јованов или неговиот син.
На прашање од одбраната на Митко Стојанов, во врска со прашањето што се случило со остатокот од прскалките, рече дека често ги продавал и за свадби и за само месец откако ги набавил ги продал.
Во врска со прашањето дека после пожарот во Гевгелија ДНК продолжиле да ги користат прскалките, тој одговори потврдно.
-Тие никогаш не престанале да ги користат, нон-стоп по фејсбук има – рече сведокот.
На прашања од бранителот Огнен Ѓорѓиев во врска со тоа дека во последните три четири години никој не му извршил контрола за продавање на уреди за пиротехника, одговори не.
-Не, веројатно затоа што имам друга примарна дејност, озвучување и осветлување – рече тој.
На прашања во врска со тоа дали кога се купуваат прскалките доаѓаат со упатство за употреба, одговори дека би требало да има на самата амбалажа, но дека не го прочитал.
Потврди дека на нив постои знак за опасност, предупредување.
Бранителката на обвинетите од Министерството за економија побара во забелешка да биdе ставено „кој треба повеќе да е на обивнитлена клупа, обвинетите од министерството што издале лиценци во 2011 година, или овој сведок кој што криумчарел пиротхеника, на цнро ја држел во неговата продавница, ја продавал и ставил на располагање општо опасно средство од кое загинале сите овие луѓе?“.
На што обвинителот одговори дека не треба да се дозволат овие забелешки и посочи дека, како што рече „луѓето не загинаа од активација на пожар, туку од што немале каде да избегаат“.
На прашање од бранителот на обвинетиот од Пазарен инспекторат, дали со нелегална пиротехника ДНК го запали „Пулс“, одговори да.
На прашање од судот дали лицето кое доаѓало да купува пиротехника во времето додека сте продавале било потребно да поседува некоја лиценца или дозовла за користење.
– Прво ние не сме ги продавале леглано за да побараме дозвола. Јас сум му учинил на Панчо, осум прскалки, и тоа е тоа, рече сведокот.
Судењето продолжи со сослушување сведоци предложени од Обвинителството.
Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

































