Мобилни тимови составени од психијатри и психолози ќе обезбедуваат психолошка поддршка за семејствата и пациентите од трагичната несреќа во Кочани. Сите кои имаат потреба од советување или помош, достапна е телефонската линија 078 378 754, преку која стручни лица ќе обезбедуваат психолошка поддршка.
Како што информира Министерството за здравство, мобилните тимови се формират во координација со ЈЗУ Психијатриска болница и Клиниката за психијатрија.
– Како дел од оваа иницијатива, мобилен тим од двајца лекари и еден психолог ќе биде ангажиран во Кочани, со цел да се обезбеди навремена и соодветна психолошка поддршка на граѓаните – стои во соопштението.
Министерството за здравство наведува дека останува посветено на унапредување на менталното здравје и обезбедување на соодветна грижа за сите граѓани.