Лишено од слобода е едно лице, по друго се трага, во врска со пукањето објавено на социјалните мрежи – информираат утрово од Министерството за внатрешни работи.
Во текот на вчерашниот ден, врз основа на споделен видео-запис на социјалната мрежа „Фејсбук“, а поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело, полициски службеници извршиле претрес во село Црнилиште, општина Долнени, во домот на Џ. Ќ., на 51-годишна возраст.
– При претресот, пронајдени се три парчиња оружје што ги поседува со дозвола и тоа: полуавтоматска ловна пушка, репетирачки карабин и полуавтоматски пиштол, како и 395 куршуми различен калибар, 17 парчиња ловен патрон и еден ресивер поврзан на видео-надзор инсталиран во домот – појаснуваат од МВР.

Пронајдените предмети биле одземени поради сомнение за извршено кривично дело.
– Утврдено е дека лицето, оружјето го поседувало со дозвола и истото привремено е одземено, по што ќе следи постапка за одземање на дозволата за оружје. Џ. Ќ. е лишен од слобода, а се преземаат мерки за пронаоѓање на неговиот син А.Ќ. и за расчистување на случајот – истакнуваат од МВР.