Во врска со националистичкото скандирање на фудбалскиот натпревар меѓу ФК Шкендија и Карабах, кој вчера се одржа на арената „Тодор Проески“ во Скопје, Министерството за внатрешни работи информира дека СВР Скопје, врз основа на снимениот и документиран материјал, презема мерки во координација со надлежен јавен обвинител.
-До Обвинителството е доставено писмено известување врз основа на веќе утврдениот материјал, по што МВР ќе постапува согласно своите надлежности во координација со ОЈО и за какви било утврдени законски прекршувања ќе следуваат соодветни поднесоци, за што јавноста благовремено ќе биде информирана – соопшти МВР.
За скандидарањата со говор на омраза на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, кој на 2 август се одржа во Спортската сала во Куманово, пак, Министерството потсетува дека во СВР Куманово веќе се повикани неколку осомничени лица со кои е извршен службен разговор и дека по извршени анализи „во координација со ОЈО Куманово ќе бидат преземени конкретни законски мерки“. За овој настан едно лице е лишено од слобода – додава МВР, и против него ќе следува соодветен поднесок.
Министерството за внатрешни работи нагласува дека постојано апелира до сите граѓани и членови на навивачки групи „да ги бодрат своите спортски клубови, но да навиваат спортски, исклучиво во спортски дух, без говор на омраза, без какви било навреди по лична, етничка, верска или која било друга припадност што не соодветствува на спортски натпревари и е спротивно на законот“.
-Во тој контекст, МВР уште еднаш нагласува дека во рамки на обезбедувањето мирни и непречени спортски натпревари, како во минатото така и сега и во иднина, полицијата ќе биде крајно ригорозна по однос на било какви нарушувања на јавниот ред и мир, односно било какви навредливи скандирања и друг начин на ширење на говор на омраза – соопшти Министерството за внатрешни работи.