Се наметнува неопходност од зголемување на интензитетот за следење на сѐ почестите појави на различни деструктивни секташки и сатанистички секти што пенетрираат со свои активности во регионот на Балканот, со посебна цел да продрат и да се инсталираат со своите сфаќања, толкувања, ставови и активности кај помладата популација во сите земји од регионот. Експертите од регионот предупредуваат и алармираат дека веќе се регистрирани „динамизирани активности од вакви форми и облици“ во земјите од нашиот регион
Повторно појава на деструктивни култови во регионот
Изминативе денови на Палиќ во Србија се одржа конференција на Здружението за меѓународно кривично право, на која се разговараше за „реинкарнирање на различни деструктивни секташки и сатанистички секти што пенетрираат со свои активности во регионот на Балканот, со посебна цел да продрат и да се инсталираат со своите сфаќања, толкувања, ставови и активности, кај помладата популација“. Од конференцијата е упатена сериозна порака до институциите на државите во целиот регион за „преземање решителни чекори за превенција од оваа појава, па дури и за репресивни мерки во рамките на законите и позитивните правни прописи за бескомпромисна борба против ново-стариот предизвик на оваа општествена и човечка деструкција“.
Регистрирани секташки инкриминирани активности со повисок интензитет
Од гореспоменатата конференција сериозно се испрати предупредување дека се наметнува неопходност од зголемување на интензитетот за следење на ваквата појава во сите земји од регионот. Таму беше истакнато дека веќе се регистрирани „динамизирани активности од вакви форми и облици“.
Имено, во низа дискусии се елаборирани примери како т.н. сатанистички секти собираат помлади членови, а пред сѐ се инфилтрираат во тинејџерската структура. Имено, сатанистичките служби се вршат на места што се далеку од очите на јавноста, во подруми, на тавани, на гробишта и во напуштени куќи. Ритуалите се разликуваат од секта до секта, но заедничко им е тоа што им нанесуваат штета на своите членови. Присутна е „антихристијанската“ иконографија – импровизиран олтар, мошти во форма на пентаграм, превртени крстови, црвени завеси и црни наметки со качулки. Бановац детално опиша кои криминални дела се појавуваат во практика како последица на активностите на сатанистичките секти. Пред сѐ, станува збор за кривични дела против здравјето на луѓето, од кои најчеста е злоупотребата на наркотични дроги.
Употреба на наркотици, инструирања за преземање суицидни акти, убиства и други кривични дела
Според искуствата и искажувањето на експертите, „кај сектите редовна е појавата на употреба на наркотици за време на иницијацијата на членовите, а потоа и за време на подоцнежното сатанско обожавање, каде што членовите на овие секти користат наркотици, а потоа паѓаат во транс додека го повикуваат сатаната, додека слушаат психоделична музика и танцуваат на пентаграм, врз основа на кој подоцна се утврдува кој член ќе изврши ритуално самоубиство или евентуално убиство“!
Составен дел на сатанистичките ритуали се и сексуалните односи, во кои најчесто учествуваат членовите на сектата под дејство на алкохол и дрога, но и поради подреденост на „водачот“. Затоа, според експертите, постојат индиции за извршување кривични дела што се квалификуваат како обљуба над немоќно лице, обљуба врз дете, а постои индиција и дека може да се зборува за извршени кривични дела силување, кога тоа доаѓа до членовите на сектата, бидејќи е тешко да се докаже дали биле способни да се согласат на сексуален однос. Други кривични дела за кривичноправната обработка на ритуалите на сатанистичките секти, според експертите, се и убивање и малтретирање животни. Имено, при вршење на т.н. магиски дејства, сатанистите најчесто ја користат крвта на животните – за т.н. причест. Најчесто тоа е крв од кучиња, мачки и зајаци. Некои сатанисти користат и методи на самоосакатување.
Тајно следење, прогон, закани и притисоци од страна на членови на секта
Новорегрутираните членови на сектата се следени од своите постари „колеги“ за да не им дозволат да „скршнат од вистинскиот пат“, од нивна гледна точка. Тие се појавуваат пред нивните училишта, работни места и места на живеење и со тоа во голема мера влијаат на нивниот секојдневен живот. Новорегрутираните членови на сектата може да се соочат со прогон и закани.
Тоа може да создаде тешки нелагодности кај новорегрутираните припадници на сектата, па дури и тешки анксиозности, напади на паника и слично. Тоа е моментот кога треба инстантно да се реагира од околината и надлежните, со оглед дека е пропуштена првата шанса од страна на регрутираното младо лице, да биде пријавена појавата на работењето на сектата на одредена територија и со одредени луѓе. Алармирањето на јавноста за овој феномен е општествено одговорно работење на медиумите, но и на други општествени здруженија и институции.
Институционална борба против деструктивните поведенија на сектите и култовите
Спротивставувањето на дејствувањето на деструктивните секти и култови е исклучиво во надлежност на законодавците во рамките на националните правни системи. На меѓународно ниво не постои акт или судска институција што би одговорила на деструктивните практики на сектите и култовите. Но постои Европска федерација за борба против секти (FECRIS), која е основана во 1994 година, а нејзините цели се да ги заштити семејствата, поединците и демократското општество од секташка активност. Таа претставува т.н. чадор- организација на голем број здруженија што се борат против секташките активности и им помагаат на жртвите на сектите. Сепак, овие активности се ограничени на вонинституционална заштита. Оваа организација најголемиот дел од средствата за своите активности, дури 92 отсто, го добива од француската влада, а Франција инаку се смета за пионер во борбата против сектите. Х.Р.