Министерството за здравство, во координација со Институтот за јавно здравје, обезбеди 2.000 заштитни маски N95 кои вечерва ќе бидат дистрибуирани до жителите на скопското село Трубарево. Прес-конференција за вечерва во 11 часот најави и Министерството за внатрешни работи.
– Маските се ставени на располагање од ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, а дистрибуцијата ќе се реализира со поддршка на тимови од јавните претпријатија и Општина Гази Баба. Со оваа мерка се обезбедува навремена поддршка за локалното население, со цел намалување на непосредната изложеност на загадениот воздух предизвикан од пожарот – соопшти Министерството за здравство.
На лице место се присутни и две возила на итната медицинска помош, подготвени да интервенираат и да укажат соодветна здравствена помош како на пожарникарите, така и на граѓаните доколку имаат потреба.
– Наш приоритет е заштитата на здравјето на граѓаните, особено во вакви кризини ситуации. Министерството и Институтот за јавно здравје ќе продолжат со координирани активности за да се обезбеди соодветна помош и поддршка на сите засегнати – рече министерот за здравство, Азир Алиу.
Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје ќе ја следат понатамошната состојба, со цел навремено преземање на сите потребни мерки за заштита на граѓаните.
Претходно Институтот за јавно здравје објави препораки за заштита на здравјето и благосостојбата на граѓаните во случаи кога постои евентуален ризик од загадување на воздухот и можна изложеност на штетни материи.
Пожарот изби денеска попладне во објект на фирмата „Ф-Групација“ во Трубарево која се занимава со електронски отпад, а се зафатени се уште два други објекти во кои имало голема количина пластичен отпад. Според последните информации, повредени лица во пожарот нема. Делот во кој се наоѓа електронскиот отпад ќе се изолира и ќе се гаси со песок – најави Дирекцијата за заштита и спасување.