Фото: МВР/илустрација

Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје одреди мерки на претпазливост за професор од средното уметничко училиште СУГС „Лазар Личеноски“ во Скопје, кој е осомничен за кривичното дело „сексуално вознемирување“ врз ученичка.

Како што информираат од Судот, мерките се изречени по предлог на Основно јавно обвинителство Скопје. Осомничениот ќе треба да ја предаде патната исправа, има забрана за вршење определени работни активности поврзани со делото, како и забрана за приближување до оштетената.

Според информациите од Министерство за внатрешни работи, наставникот бил лишен од слобода на 9 март, по пријава дека во периодот од 25 февруари до 2 март вознемирувал 18-годишна ученичка и од неа барал да имаат сексуални односи.

 – На 09.03.2026 во 17:30 часот полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 52-годишен маж од Скопје, наставник во средно училиште на подрачјето на Центар. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветна пријава – информираа од МВР.

Од Обвинителството соопштија дека веднаш е поведена постапка и дека се работи на прибирање докази. Лицето во меѓувреме е обезбедено со мерки на претпазливост, меѓу кои одземање на патната исправа, забрана за приближување до лица и забрана за вршење работни активности.