Илустрација/Пиксабеј

Македонски државјанин починал вчера кај хрватскиот остров Равник во близина на Вис, откако му се слошило и останал без свест за време на нуркање, известуваат хрватските медиуми. Причините за смртта треба да бидат утврдени на обдукцијата која е во тек.

Македонскиот нуркач набргу по несреќата што се случила во претпладневните часови бил извлечен на копно, по што уследил обид за реанимација. На помош пристигнале и лекари од Брзата помош, но македонскот државјанин веќе бил починат, според првичните информации. Неговото тело е предадено на обдукција во Институтот за судска медицина во Сплит.

Станува збор за скопјанец на 50-годишна возраст кој со нуркање се занимавал повеќе од 20 години, а според информациите на „Нова Македонија“ тој бил обучен за нуркање во отворени води и за посложени нуркања во пештери.

Упатените наведуваат дека кај Вис се нуркало со т.н. рибредери, при што учествувале членови на повеќе нуркачки клубови.

Се очекува телото да биде транспортирано и предадено на семејството по обдукцијата.