Македонски државјанин загина, е еден е тешко повреден во сообраќајна несреќа што се случила рано изутрината на автопатот Нови Сад – Суботица во Србија, објави РТС.
Според информациите добиени од Полициската управа на Суботица, возило „КИА“ со македонски регистарски таблички, кое се движело по автопатот кон граничниот премин Хоргош, излетало од патот на ниво кај населбата Вишњевац, помеѓу клучката Жедничка и наплатната станица во Суботица, а потоа се превртело.
Во несреќата загинал патникот Н. А. (39), додека возачот А. А. (60) е тешко повреден и пренесен во болница во Суботица.
Сообраќајната полиција и обвинител од Основното јавно обвинителство во Суботица извршиле увид на местото на настанот.
Полицијата во Суботица соопшти дека против возачот ќе биде поднесена кривична пријава за тешко дело против безбедноста на јавниот превоз.