Министерството за внатрешни работи информира дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта во Скопје и НБРМ, кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
– Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави – соопштија од МВР.
Претходно, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потврди дека утрово имало дојави за поставени експлозивни направи во девет училишта и во НБРМ според истиот модус кој е дел од т.н. хибридна војна што се води, не само кај нас.
– Ова е класичен пример на хибридни закани. За среќа што тоа се напади што доаѓаат по електронски пат, односно дојави и што безбедноста апсолутно не се нарушува, посебно да земеме предвид дека НБ е 24-часовно обезбедена – изјави Спасовски, по денешната посета и средби во СВР – Струмица.
Дециден е дека се преземаат максимално мерки, со нашите стратешки партнери, како што рече, со цел да обезбедиме доказ за било каков аспект.
– Загриженоста е голема, меѓутоа и целта на ваквите хибридни напади е токму тоа. Да се воспостави немир кај граѓаните, да има несигурност, да се влијае на институциите, да се трошат безбедносните служби во државата. Ефикасно се работи од страна на полицијата и ссите служби што се вклучени во тој дел. Имаме брзи проверки што ги имаме или напатствија веќе не само во училиштата и во другите институции како се постапува во таков случај – појасни Спасовски.
Напоменувајќи дека веќе во многу земји се променети протоколите во кои степенот на реалноста на заканата се утврдува пред да се преземаат мерки, министерот Спасовски информира дека веќе е разговарано со Националниот комитет за борба против тероризмот и насилен екстремизам и очекува да се преземат активности со кои ќе се сменат протоколите.
– Но, сега се такви протоколите и ќе мора да се почитуваат. Треба да бидеме сите апсолутно претпазливи, посебно менаџерите на институциите во делот на обезбедувањетго, но проверките мора да се реализираат – порача Спасовски.
Во СВР Скопје утрово околу 9.45 часот било пријавено дека на електронска адреса на девет средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа.
– Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите – информираа денеска од МВР.
И од НБРМ исто така, денеска, околу 10.10 часот било пријавено дека на електронска адреса била упатена закана за поставена експлозивна направа.