Полициски експерти укажуваат дека станува речиси невозможно да се откријат фалсификуваните евробанкноти, бидејќи бандите што ги прават ги креираат
совршено, безмалку идентични на оригиналите. Тоа е колосален проблем во последните неколку години…

Фалсификувани пари го преплавија Косово

Напредната технологија максимално се ползува од страна на криминалните организации. Со години експертите инсистираат на посебна внимателност, особено со банкнотите и монетите како што се еврата, бидејќи токму тие пари се едни од најфалсификуваните во Европа. Косово на пример е една од земјите во кои фалсификуваните банкноти се во подем. Толку е тешко да се идентификуваат, што дури и на професионалците тоа тешко им оди од рака.
Но она што деновиве ја разбранува јавноста, а е поврзано со фалсификувани пари, е информацијата дека 85 илјади фалсификувани евра во кованици од по две евра што беа запленети во Косово, според косовското специјалното обвинителство, биле произведени во Македонија. Случајот е особено интересен, бидејќи досега главно се фалсификуваа банкноти, но овој пат се појавија и монети, за кои обично се мислеше дека не се исплати да се фалсификуваат, поради големите трошоци за нивна изработка, а малата заработка.

Лажни монети „увезени“ за косовскиот пазар од Македонија

Откако пред Нова година косовската полиција заплени повеќе од 85 илјади фалсификувани евра во кованици од по две евра, тамошното обвинителство соопшти дека монетите што се дистрибуираат во Косово и во другите земји од регионот биле произведени во Македонија.
Во рамките на акцијата на косовската полиција беа уапсени шест лица, меѓу кои тројца македонски и тројца косовски државјани. Тие, според обвинението, со цел незаконски да се стекнат со материјална корист за себе и за групата, во неверификувано време обезбедиле фалсификувани пари произведени во Македонија и вкупно 42.505 парчиња метални монети со апоени од две евра, во вкупен износ од 85 илјади евра. Осомничените потоа ги ставиле монетите во разни ќеси, камуфлирајќи ги да личат на товари обична стока, и ги внеле во автомобили, а потоа на 28 ноември ги однеле во Косово, каде што координирано се сретнале во Генерал Јанковиќ со обвинетите од Косово, за да го продолжат патот до Приштина. Според планот на сторителите, во косовскиот главен град била планирана купопродажба на фалсификуваните пари, односно прием и испорака на количеството фалсификувани пари.
Во реконструкцијата на настанот, обвинителството наведува и дека осомничените Б.А, Ш.А и А.А., на 28 ноември, во Генерал Јанковиќ се сретнале со обвинетите С.Р., М.К. и Х.Д., ставајќи ги фалсификуваните евра во автомобил „фолксваген пасат“, кој го управувал Х.Д., по што заедно продолжиле за Приштина, за да се сретнат на бензинската пумпа „Шел“, каде што било планирано примопредавањето на фалсификуваните пари. Во текот на трансакцијата тие се откриени и идентификувани од полицијата, која интервенирала и на дело ги привела сторителите, а потоа го одзела споменатото количество фалсификувани пари. Д.Т.З.


Истражување на „Ројтерс“ за фалсификуваните пари што се масовно во оптек во Косово

Светски познатата новинска агенција „Ројтерс“ подготви исклучително интересна статија во која опишува еден феномен што се случува во нашето најблиско соседство, односно во Косово, каде што фалсификувањето на еврата, поточно на монетите во евра, веќе се толерира во платниот промет. Ситните евра ниту се проверуваат дали се фалсификувани или не, туку истите тие служат како легално платежно средство на пазарот во Косово.
„Ројтерс“ во своето истражување потврдува дека во едно кафуле во Приштина вработените дури се откажале од проверка дали монетите од две евра што луѓето ги користат за плаќање се оригинални, бидејќи се произведени со висок квалитет, поради што е невозможно да се открие дали се фалсификувани или не. Проблемот дополнително го зголемува и фактот што бројот на фалсификувани монети од две евра е толку висок, што вработените би требало да ја проверуваат речиси секоја монета, пишува „Ројтерс“.
– На почетокот сите беа загрижени и проверуваа дали монетите од две евра се лажни или не – вели келнерот Ендрит.
Тој и неговите колеги држеле монети до светлина за да ги испитаат или ги фрлале на маса за да го слушнат звукот што го произведуваат.
– Сега веќе не проверуваме… можеби земаме лажни пари или можеби даваме лажни пари. Сѐ е исто – вели тој.
Според полицијата, бројот на лажни монети од две евра во оптек бележи огромен пораст годинава. Косово и соседна Црна Гора не се дел од еврозоната, но сепак го користат еврото како своја валута.

ПОЛИЦИСКИТЕ ЕКСПЕРТИ ИЗНЕНАДЕНИ ОД КВАЛИТЕТОТ НА ФАЛСИФИКАТИТЕ

Во своето новинарско истражување, агенцијата го наведува и следниот пример.
„Во мала продавница блиску до кафуле во Приштина, од 11 монети од по две евра во касата, продавачката рече дека верува дека шест се лажни и дека толку многу во оптек се лажни, што таа немала друг избор,освен да ги прифати“.
Во форензичката лабораторија на приштинската полиција, вработените испитале повеќе од 30.000 фалсификувани монети од две евра во првата половина од годинава, во споредба со 4.451 во истиот период минатата година.
– Квалитетот се движи од многу слаб до многу добар. Порано лажните монети не беа магнетни, сега се, порано имаа проблеми со тежината, но сега се совпаѓаат со вистинските – вели Вјолца Мавриќи, експертка за фалсификувани пари во лабораторијата.
Полицијата соопшти дека минатата година испратила 804 случаи до обвинителите поврзани со фалсификување пари, а досега годинава 486. Во април тие уапсија маж и жена што се обидуваа да внесат 10.600 лажни монети од две евра во Косово од Македонија.
Многу видеа на албански јазик на социјалните мрежи нудат зделки за лажни монети или други банкноти на евра, кои се продаваат за 10-20 отсто од нивната номинална вредност.
Управникот на државното претпријатие за паркирање во Приштина, Сокол Хаволи, рече дека добивал толку многу лажни монети од две евра, во вредност до 150 евра (160 долари) дневно, што одбивал воопшто и да ја прифаќа таа монета. Сега му биле дадени големи машини, донирани од локалните банки, за да идентификува лажни монети.