Македонија е земја полна со автоплацови на кои се продаваат половни возила. Убаво дотерани, естетски средени автомобили сјаат под сончевите зраци, а продавачот вообичаено насмевнат го убедува купувачот дека автомобилот е „пали-вози“. Еден од нив, кој анонимно се согласи да поразговара со нашата екипа, вели дека во земјава најголемите измами се прават токму на враќањето на километражата, но додава дека купувачите не само што се подготвени да платат повисока цена за возилото туку помалата километража ги прави посреќни…

ПОВОД: ВРАТЕНАТА КИЛОМЕТРАЖА И ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА ВРЕДНОСТА НА АВТОМОБИЛИТЕ

Секој што сака да купи половно возило е свесен дека ретко може да најде автомобил на кој не му била вратена километражата, бидејќи практично е невозможно да се купи возило од 2000 година, а да нема поминато минимум 200 илјади километри, па и повеќе. Токму затоа и секој автомобил со помала километража буди сомнеж дека километражата е вратена, но не кај секој купувач. Многумина од нив, пак, слепо веруваат дека возилото што го купуваат „го возела баба од Германија“ и дека токму поради тоа и нема голема километража.

Вештачко зголемување на вредноста

Купувачите на половни автомобили во Македонија можат да платат речиси четвртина повеќе од реалната вредност на возилото поради вратената километража и на тој начин да загубат илјадници евра, покажуваат резултатите од едно истражување. Сепак, ситуацијата кај нас е многу подобра отколку во Обединетото Кралство (29 проценти), Италија (29 проценти) и Литванија (25 проценти), каде што просечниот пораст на вредноста е највисок меѓу 15-те испитани земји. Од друга страна, најмало поскапување поради намалената километража има во Украина (17 отсто), Полска (19 отсто) и во Романија (20 отсто).
Возачите претпочитаат автомобили со помала километража, очекувајќи тие да бидат во подобра состојба и да не бараат опсежни поправки, па затоа е тешко да се најде купувач за возило со голема километража, освен ако цената не е значително пониска. Затоа измамниците што продаваат автомобили ја менуваат километражата, вештачки ја зголемуваат нивната вредност и остваруваат поголем профит.

Точна пресметка

Во случај на автомобил стар 15 години со намалена километража, треба да се напомене дека таа измама може да ја зголеми вредноста на возилото во просек за 27 проценти. На секои 100.000 намалени километри на километражата, клиентот може ненамерно да плати околу 2.000 евра.
Значи, ако километражата покаже 200.000 километри наместо вистинските 400.000 километри, тоа потенцијално значи дека купувачот ќе преплати дури 4.000 евра за такво возило. Иако ова зголемување на цената може да изгледа големо за модел од 2008 година, овие вредности се пресметани на платформата „Карвертикал“, каде што корисниците обично ги проверуваат поскапите автомобили и помалите автомобили од економска класа. Различни марки на автомобили различно реагираат на вратената километража, така што таа може да варира од зголемување на вредноста за 15 проценти за автомобилите „мазда“ и „дачија“, до 27 проценти за „ленд ровер“. Купувачите можат да потрошат и до 2.000 евра повеќе за секои 100.000 вратени километри при купување „дачија“.
Сепак, другите брендови можат да донесат уште поголеми финансиски загуби. Клиентите на моделот „рено“ можат да изгубат до 2.300 евра за секои 100.000 вратени километри, на „опел“ – 2.200 евра, а на „шкода“ – 4.200 евра. Исто така, 100.000 вратени километри се најскапи за купувачите на премиум-возила: „ауди“ (6.000 евра), „фолксваген“ (4.500 евра), БМВ (7.000 евра) и „мерцедес-бенц“ (10.600 евра).

Најчеста измама во земјава

Македонија е земја полна со автоплацови на кои се продаваат половни возила. Убаво дотерани, естетски средени автомобили сјаат под сончевите зраци, а продавачот вообичаено насмевнат го убедува купувачот дека автомобилот е „пали-вози“. Но, еден од нив, кој анонимно се согласи да поразговара нашироко на оваа тема со нашата екипа, вели дека во земјава најголемите измами се прават токму на враќањето на километражата, но и дека постои еден чуден феномен кај купувачите.
– Оние купувачи што ми се мене блиски претежно бараат совет од мене како да дознаат дали е вратена километражата. Она што од срце им го кажувам на сите како да ја дознаат вистинската километража на возилата е да заминат во овластен сервис, каде што како на хакерски филм, за помалку од десет минути вработениот ќе им даде точни податоци и ќе се изненадат кога ќе видат дека наместо напишаните 200 илјади, возилото поминало 300, 400, па и 500 илјади километри – вели продавач на половни возила во Скопје.
Но тој исто така додава дека постои и еден чуден феномен на лековерност кај купувачите на возила, кои се многу посреќни дека нашле возило со мала измината километража, па, како што вели нашиот соговорник, тоа ги прави психолошки порастоварени дека возилото не е толку многу амортизирано. Тие се дури поподготвени да не се ценкаат за таквото возило и се порадосни бидејќи имале среќа што го нашле токму возилото што им се допаѓа и со помала измината километража. Но, според соговорникот, лажната сигурност при возењето на моторните возила купени од втора рака треба да стане вистинска сигурност, со деталната проверка на возилата на сериозен автосервис. Само на тој начин ќе се утврди фактичката состојба за возилото и токму тогаш возилото ќе биде оспособено да биде безбедно и за патниците и возачот, а и за другите учесници во сообраќајот. Д.Т.З.