Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје вчера поднесе кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски за „злоупотреба на службена положба и овластување“
-О.С. додека ја извршувал функцијата министер за внатрешни работи, односно во текот на 2021 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластување овозможил на правен субјект-технички преглед во општина Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 5.565.927 денари – се наведува во соопштението од МВР.
Како што се посочува, О.С. делото го сторил на начин што во законски предвидениот рок не донел решение за одземање на овластување за технички преглед врз основа на предлог, доставен од надлежна организациска единица за граѓански работи.
-Иако знаел дека рокот за донесување решение за одземање на овластувањето е најдоцна до 15 дена од денот на доставување на предметот, не ја извршил својата службена должност согласно чл.65 ст.3 од Законот за возила и чл.5 од Правилникот за начинот и постапката за донесување и одземање на решението за овластување на правното лице за технички преглед на возила и за категории на возила за кои се издава овластување за технички преглед на возила – велат од МВР.




































