Поднесена е кривична пријава во текот на вчерашниот ден против А.Б. и А.Р., на возраст од 31 и 25 години, двајцата од Скопје, поради постоење на сомнение дека сториле кривични дела „изнуда“ по член 258 став 1 и „лихварство“, по член 260 став 1 и против Е.Б. и Р.Р., на возраст од 27 и 20 години, исто така скопјани, поради сомнение за сторени кривични дела „изнуда“ по член 258 став 1 во врска со член 22 и „лихварство“, по член 260 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, соопштија попладнево од Министерството за внатрешни работи.
А.Б и А.Р., кои издржувале затворска казна во „Затвор – Идризово“, со користење незаконски стекнати мобилни телефони, преку апликацијата „Фејсбук – месинџер“ од мајка на друго лице кое издржувало затворска казна, барале да им исплаќа сума од 1.200 евра месечно за нејзиниот син да добие наводни „гаранции и заштита“ во затворот и подобри услови за сместување.
При видео – повиците, тие ѝ покажувале како насилно се однесувале кон нејзиниот син, притоа уценувајќи ја дека доколку не им бидат исплатени пари, ќе продолжат со насилството кон синот.
– На 23 мај, Е.Б., кој е брат на А.Б., и Р.Р., кој е брат на А.Р., по претходен договор со мајката на осуденото лице, дошле во Струмица со цел да остварат средба со неа, на која требало таа да им даде претходно договорен износ на пари, што биле дел од парите што ги барале како наводен долг што таа го имала кон нив. По остварената средба, односно во момент кога Е.Б. ги зел парите, што биле претходно обележани, бил лишен од слобода од страна на полициски службеници од СВР – Струмица, а Р.Р. се дал во бегство, но, веднаш бил фатен и лишен од слобода – појаснија од МВР.
При лишувањето од слобода, кај Е.Б. биле пронајдени пари во различни валути и апоени, за што тој не приложил документација за потекло на наведените парични средства, по што истите од страна на полициски службеници биле одземени.
– Во исто време, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за организиран и насилен криминал и Одделение за насилен криминал при СВР – Скопје, извршени биле претреси во затворските ќелии во „Затвор – Идризово“, каде престојувале А.Б. и А.Р, при што кај нив биле пронајдени и одземени два незаконски стекнати мобилни телефони – нагласија од МВР.
Е.Б. и Р.Р. биле задржани во Полициската станица – Струмица. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица.
По поднесување на кривичната пријава, лицата биле изведени пред судија од Основен суд – Струмица, кој на Е.Б. и Р.Р. им определил мерка куќен притвор.